Во Македонска Каменица успешно е реализирана хуманитарната акција „После дождот, иде сонце“. Акцијата се спроведе како иницијатива на хуманистот Дарко Гоцевски, кој истакна дека собраните средства ќе бидат наменети за обнова на опожарениот дом на 70 годишната Рајна Стојменовска од село Косевица.
– Изминатиот месец граѓаните активно се вклучија во хуманата акција и преку фондот за донации донирани и предадени се 1.525 евра. Преку индивидуални донации соберени се 2.900 денари. Обезбедена е исхрана за подолг период и продукти за домаќинството, а набавена е и покуќнина: печка, фрижидер, замрзнувач, кревет, фотелја, телевизор, информира Гоцевски.
Додава дека во соработка со ЈП „Камена Река”, пробиен е пристапен пат до местото, каде што ќе биде изграден новиот дом за Рајна Стоименовска.
– Исто така одобрени се финансиски средства од МТСП, а во очекување сме на позитивни одговори на нашите барање од Општина Македонска Каменица и и Рудник Саса, додаде Гоцевски.
Тој се заблагодари на сите кои беа дел од хуманитарната акција и додава дека истата ќе продолжи со индивидуални донации од страна на граѓаните на Македонска Каменица.