Денеска се прави уште еден обид да се пренесе хуманитарна помош во опколениот југоисточен град Мариупол и да се извлечат илјадници цивили.
Градот е под силен оган од руските сили повеќе од една недела, а градскиот совет во петокот соопшти дека речиси 1.600 луѓе биле убиени.
Според Си-Ен-Ен, Советот објавил дека „зелениот коридор е отворен. Хуманитарен конвој тргна од Запорожје кон Мариупол. Повеќе од 90 тони храна и лекови одат во градот, кој е под опсада 11 дена“.
Советот соопшти дека, втор ден по ред, свештениците на Православната црква се придружуваат на конвојот.
Мариуполскиот „зелен коридор“ е еден од неколкуте што ги најави украинската влада со цел да се доставува хуманитарна помош во областите најтешко погодени од борбите и да им помогне на илјадници луѓе да ги остават областите без струја и вода и под силно гранатирање.
Лекарите без граници (MSF) во петокот предупредија на „исклучително лоша“ хуманитарна ситуација во градот каде што нивните тимови известуваат „дека многу семејства немаат доволно вода, храна и лекови“.