Свет

Трамп прогласи победа над Иран: „Ја добивме војната, само прашање е кога ќе решиме да ја завршиме“

Трамп прогласи победа над Иран: „Ја добивме војната, само прашање е кога ќе решиме да ја завршиме“

Американскиот претседател Доналд Трамп прогласи победа на Соединетите Американски Држави во војната против Иран, која трае повеќе од осум месеци, но истовремено порача дека воените операции нема да завршат сè додека Вашингтон не ги оствари сите свои цели.

За време на говорот по повод Денот на ветераните, одржан на Националните гробишта Арлингтон во Вирџинија, Трамп изјави дека американската армија веќе го поразила Иран и дека единственото преостанато прашање е кога САД ќе одлучат да го завршат конфликтот.

„Возвративме, и тоа жестоко, и победивме. Само прашање е кога сакаме да ја завршиме војната“, изјави Трамп.

Сепак, американскиот претседател не објави официјален крај на војната, ниту повлекување на американските сили од регионот. Тој нагласи дека Вашингтон нема да се задоволи со делумен успех.

„Сакаме да бидеме сигурни дека сме постигнале целосна победа, а не победа од 93 проценти. Победата ќе биде целосна“, порача Трамп.

Американскиот претседател повторно тврдеше дека САД не ја започнале војната, обвинувајќи го Техеран за повеќедецениска непријателска политика кон Вашингтон. Воените дејствија во актуелниот конфликт, сепак, започнаа на 28 февруари 2026 година со американски и израелски напади врз Иран.

Трамп оцени дека на Иран ќе му бидат потребни дури 25 години за да ја обнови инфраструктурата уништена во американските напади. Тој изрази надеж дека нема да бидат потребни дополнителни разурнувања и повтори дека американските воени операции го спречиле Техеран да дојде до нуклеарно оружје.

Во говорот се осврна и на загубите на американската армија, наведувајќи дека во конфликтот загинале 18 американски војници.

„Изгубивме 18 прекрасни луѓе, но кога овој конфликт ќе заврши, а тоа ќе биде наскоро, целиот свет ќе биде многу побезбедно и помирно место“, изјави Трамп.

И покрај најавите за скорешен крај на војната, американската поморска блокада на Иран останува во сила, а Вашингтон и понатаму одржува значително воено присуство во регионот.

Дипломатските напори засега не донесоа конечен договор. Американскиот државен секретар Марко Рубио посочи дека разговорите со Техеран не постигнале напредок, додека иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи порача дека конфликтот не може да се реши исклучиво со воена сила и санкции.

Трамп и претходно во неколку наврати најавуваше брзо завршување на војната, тврдејќи дека Иран е воено поразен. Сепак, продолжувањето на блокадата и отсуството на конечен мировен договор покажуваат дека конфликтот сè уште не е завршен.

Војната, која започна кон крајот на февруари, предизвика сериозни нарушувања на енергетските пазари, раст на цените на нафтата и политички притисок врз администрацијата на Трамп, особено по изборните загуби на републиканците на конгресните избори во ноември.

Ноќно студио

Најнова епизода

Кој ги следи студентите? Ноќно студио со Анастасија Павловска 10.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни