ИКЕА повлекува преси за лук поради ризик од навлегување на метални честички во храната

ИКЕА соопшти дека повлекува партија преси за лук поради ризик од одвојување на мали метални фрагменти за време на употреба.

Од ИКЕА ги повикуваат сите свои потрошувачи кои ја поседуваат пресата за лук IKEA 365+ VÄRDEFULL во црна боја да престанат да ја користат и да стапат во контакт со компанијата. Производот има продуктен код 201.521.58 и датумска ознака од 2411 (година, недела) до 2522 (година, недела).

„Безбедноста на потрошувачите претставува врвен приоритет за ИКЕА. Затоа компанијата ги повлекува горенаведените производи како превентивна мерка, бидејќи постои ризик од одвојување на мали метални честички за време на употреба, кои може да завршат во храната. ИКЕА ги развива своите производи применувајќи строга програма за проценка на ризик и тестирање, за да обезбеди дека се во согласност со сите важечки закони и стандарди на пазарите каде што се продаваат,“ се наведува во соопштението од компанијата.

Засегнатите производи може да се идентификуваат по логото на ИКЕА поставено на горниот дел од рачката на производот.

Доколку потрошувачите не можат сигурно да утврдат дали нивниот артикл спаѓа во оваа серија, може да вратат било која преса за лук IKEA 365+ VÄRDEFULL во црна боја, и ќе добијат поврат на средствата.