Илиевска: Избраниците во парламентот се избраници на народот

Габриела Илиевска од изборната група „Поинаку“ во гостување во „Ноќно Студио“ на 4ТВ истакна дека формираната група за донесување на измените на изборниот закон е составена исклучиво од политички партии, при што независните кандидати немаат директно учество.

„Можеби звучи песимистички, меѓутоа не можам да очекувам дека некој во таа група ќе мисли на нас, на оние кои сакаме да бидеме независни, и дека ќе направат услови кои ќе ни овозможат подобро да излеземе на избори“, рече Илиевска.

Таа посочи дека независноста, според нејзиното искуство, се става во втор план во однос на партиските интереси.

„Секој си го гледа својот интерес, а интересот на независните нема кој да го брани во таа група. Избраниците во парламентот се избраници на народот“, нагласи Илиевска, додавајќи дека независните кандидати мора да ги достават своите забелешки, но сепак нивните гласови и резултати од претходните избори покажуваат дека граѓаните сакаат да гласаат и за независни опции.

„Јас како независен кандидат бев пред сите политички партии, освен ВМРО-ДПМНЕ, и сметам дека избраниците во групите треба да размислуваат подеднакво за сите граѓани, без разлика дали се дел од партија или независни“, подвлече Илиевска.

Таа оцени дека за успешно спроведување на фер и демократски избори, треба да се вклучат сите засегнати страни и да се обезбедат услови за правично учество на независните кандидати.

Во продолжение погледнете ја целата емисија: