Свет

Илјадници американски падобранци пристигнаа на Блискиот Исток: Што се спрема?

Илјадници американски падобранци пристигнаа на Блискиот Исток: Што се спрема?

Илјадници војници од елитната 82. падобранска дивизија на американските воздушно-десантни сили почнаа да пристигнуваат на Блискиот Исток, додека администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, ги разгледува следните чекори во војната против Иран, соопштија денеска, 30 март, американски претставници.

Падобранците од воената база Форт Брег во Северна Каролина им се приклучија на илјадниците маринци, морнари и специјални единици кои веќе се распоредени во регионот.

За време на викендот пристигнале околу 2.500 маринци. Претставниците не ги прецизираа точните локации на распоредувањето, но наведоа дека засилувањето е дел од подготовките за можни идни операции.

Ризична операција

Мисиите вклучуваат преземање контрола врз островот Харг, контрола на нафтените рути и извлекување збогатен ураниум од Иран, наведуваат извори, пренесува Ројтерс.

Операциите на островот Харг, клучно пристаниште преку кое се одвива 90 отсто од извозот на иранска нафта, се оценуваат како многу ризични поради дострелот на иранските ракети и дронови.

Администрацијата исто така ја разгледува можноста за употреба на копнени трупи за обезбедување на преминот на танкерите низ Ормускиот теснец, со примарна употреба на воздушни и поморски сили.

Предупредување од Трамп

Трамп денеска изјави дека САД водат разговори со „поразумен режим“ со цел да се стави крај на војната во Иран, упатувајќи предупредување до Техеран да го отвори Ормускиот теснец или да ризикува американски напади врз нафтени и енергетски објекти.

Од почетокот на операцијата на 28 февруари, САД извеле напади врз повеќе од 11.000 цели, при што се повредени над 300 војници, а 13 припадници на вооружените сили загинале во рамки на операцијата „Епски бес“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни