Адвокатот на семејството на убиениот Афроамерикенец Џорџ Флојд, Бен Крамп, изјави дека има доволно докази да се потврди дека обвинетиот полицаец Дерек Шовин постапил со умисла.
Шовин е обвинет за убиство од трет степен, но Крамп тврди дека станува збор за убиство од прв степен, наведува Би-Би-Си.
-Не ни е јасно како таа постапка не е оквалификувана како убиство од прв степен, изјави Крамп за Си-Би-Ес, а пренесе „Гласот на Америка“.
Тој посочи дека полицаецот го задржал коленото на вратот на Флојд речиси девет минути, што е причина за неговата смрт и потоа за серијата протести низ САД.
-Сметаме дека тој имал намера, рече Крамп.
Двајца доктори, кои извршиле независна обдукција врз телото на Џорџ Флојд, сепак, вчера соопштија дека тој починал од задушување и дека станува збор за убиство.
