Македонија

Има ли привилигирани пратеници? Државата им плаќа и за кирија и за патни трошоци

Доаѓаат од различен град и ги дели тоа што се од спротивните политички табори. Александар Кирацовски и Илија Димовски во 2018 година најмногу добиле државни пари за патни трошоци, а користеле и кирија за стан во Скопје.

На Кирацовски државата во изминатава година му плаќала кирија од 390 евра, а тој во последните четири месеци од 2018 година додека престојувал во стан во Скопје, на име на патни трошоци добил нешто повеќе од 1000 евра.

На неговиот политички опонент, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, државата му плаќа нешто помалку за кирија, односно 370 евра, но и тој зел сума од дваесетина илјади денари на име на патни трошоци.

Џафери вели дека нема индиции за сомневања дека пратениците прават злоупотреба.

„Па нема индиција, затоа што според законот определен број на пратеници се изјаснија да користат стан во вредност на она што е пропишано со одлука на соодветна надлежна комисија во собранието. Во таа одлука и во тој закон за оние денови кога пратеникот седи овде, на крајот на неделата кога ќе оди дома во еден правец му следи патен трошок во еден правец за да оди дома. И на почетокот на следната недела кога ќе се врати во станот му следува патен трошок за враќање, значи за четири недели четири ден“, вели Џафери.

Освен Кирацовски и Димовски, двојни привилегии минатата година користеле уште 10 други пратеници. На листата кај ВМРО-ДПМНЕ со двојни трошоци се пратеничките од Битола – Лилјана Затуроска и Лилјана Кузмановска, прилепчанката Ане Лашкоска, штипјанката Благица Ласовска, кочанчанката Магдалена Манаскова и радовишанката Нада Ципушева. На нив друштво им прават колешките од СДСМ – струмичанката Катерина Кузмановска, прилепчанката Кети Смилеска и кавадарчанката Мери Лазарова. На државни јасли е и најстариот пратеник, Бранко Маноиловски од ДУИ, роден во село Кичиница.

Собранието лани донесе одлука според која пратениците можат да користат сопствен автомобил за службени цели за што ке им се плати помалку од порано, или пак да изнајмат стан во висина од најмногу 400 евра, со тоа што ќе можат да патуваат само за време на викенди и празници. 

„Не користат патни трошоци за секое потпишување за секое присуство на седница, затоа што имаат соодветен договор, регулиран со внатрешните процедури, низ која постапка и процедура го користат правото на стан“, изјави Џафери.

76 пратеници потрошиле 496 илјади евра за патни трошоци изминатата година. Што значи дека во просек, за 2018-та, на секој пратеник му биле исплатени околу 6 илјади евра. Најмногу од нив потрошил пратеникот кој патува од Струга, Алија Камберовски, вкупно 18.156 евра.

Пратениците најмногу наплати имале во јуни, додека, пак, најмалку во септември. Односно во јуни имало 63.979, а најмалку во септември 11.390 илјади евра.

На листата со пратеници на кои им се исплаќаат патни трошоци секоја година се споменуваат истите имиња. Алија Камбероски е рекордер според исплатени патни трошоци во Собранието за 2017 година. Тој од март до ноември 2017-та година за само девет месеци од Собранието добил 12.847 евра за патни трошоци. Додека пак, од декември 2017-та до мај 2018-та година, направил патни трошоци од 10.355 евра.

Изминатата година втора по наплатената сума за патни трошоци е Мира Стојчевска од Делчево. Нејзиното име не се споменува прв пат кога се работи за патни трошоци. Имено, Стојчевска во 2017 година потрошила 11.736 евра. Додека пак, само во периодот од декември 2017-та до мај потрошила 10.396 евра.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни