Јетмир Зиба е млад мобилизатор кој преку својата иницијатива минатата година успеа да ги мобилизира младите од општина Струга за можностите и субвенциите кои Владата ги дава за секој отворен бизнис и самовработување. Тој раскажува дека навистина било предизвик да се спроведе иницијативата во време на Ковид-19, а на младите мобилизатори им порачува да аплицираат за новиот повик „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија”, бидејќи претставува уникатна можност да се учи од одличен тим од експерти.
– Мобилизаторите имаат можност преку обуките да ги надоградат своите вештини и да се вмрежуваат и со други учесници од различни градови, како и со сите релевантни институции и засегнати страни кои ќе бидат вклучени во спроведување на нивната иницијатива. Мојата иницијативата имаше за цел да ги запознае и мобилизира младите за текот на спроведување на мерката самовработување (претприемништво). Иако иницијативата се спроведуваше за време на пандемија со целосни забрани, благодарение на онлајн алатките (онлајн прашалници, и онлајн состаноци) над 50 млади се информираа и мобилизираа да го набљудуваат процесот на апликација за истата мерка и текот на спроведување на истата, вели тој.
На почетокот бил изготвен прашалник со цел да се добие информација за тоа колку младите се запознаени со оваа мерка за самовработување, а потоа се организирале неколку состаноци со млади, вработени во општина Струга и Агенција за вработување и од невладиниот сектор (Центар на заедницата на Општина Струга).
– Локалните власти беа на располагање да присуствуваат на состаноци и да обезбедат потребни информации поврзани со мерката. Имајќи ја предвид природата на иницијативата, односно мерката самовработување, најважен актер за соработка беше Агенцијата за вработување. За жал, поради зголемување на бројот на случаите со Ковид-19 и брзото ширење на вирусот, вработените во Агенција за Вработување, и покрај нивната посветеност, не беа во можност да ни организираат прием за состаноци во нивните канцеларии. Следствено, состаноците се организираа преку онлајн алатки, односно онлајн состаноци и телефонски повици, појаснува Зиба.
Со вкупна сума од 6.600.000 денари преку проектот на Швајцарската Влада „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија”, Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), во партнерство со Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), објавува повик за доделување грантови за иновативни иницијативи.
Предложените иновативни иницијативи треба да идентификуваат проблем во заедницата за кој било ветено решавање или, пак, решение за кое било ветено остварување (во изборната програма) од страна на локалната власт и/или е вклучено во тековната програма на локалната самоуправа, и да ја мобилизира заедницата да ги потсети локалните власти на нивните дадени ветувања. Тие треба да се фокусирани на локални прашања чие решавање е во надлежност на локалната власт.
Апликации формално можат да поднесат граѓански организации, а барањето за еден грант треба да изнесува најмногу 300.000 денари. Апликантите на овој повик треба да имаат предвид дека ќе се сметаат за подобни доколку испратат само една апликација најдоцна до 30 септември онлајн: https://electoralreforms.mk/cm-2022/
„Поддршка на изборните реформи” е проект на Швајцарската Влада, кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Проектот цели кон поинклузивни и подемократски изборни процеси раководени од зајакната организација на изборите, кои се одблизу набљудувани од граѓаните.