Иран постави низа услови за евентуално прекинување на конфликтот со САД и Израел, при што како клучен елемент ја истакнува заштитата на своето право на цивилна употреба на нуклеарна енергија, пренесуваат руски медиуми повикувајќи се на дипломатски извор од Техеран.
Според истиот извор, Иран не бара само прекин на огнот, туку и траен мир во регионот, што вклучува осуда на „агресијата“, исплата на воени репарации за причинета материјална штета и укинување на сите санкции против земјата. Дополнително, властите инсистираат на признавање на своето право на мирна и цивилна употреба на нуклеарната енергија, посочувајќи дека претходните примирја не биле доволни и дека е потребен долгорочен договор.
Иако постојат сигнали дека американската страна покажува интерес за дијалог, Иран ја негира непосредната комуникација со Вашингтон, истакнувајќи дека преговори не се водат директно, туку само преку посредници. Американскиот претседател Доналд Трамп на крајот на март изјави дека разговори веќе започнале, но Техеран го отфрли тоа тврдејќи дека нема директен дијалог.
Покрај тоа, Техеран поставил дополнителни услови, вклучувајќи гаранции дека конфликтот нема да се повтори и меѓународно признавање на контролата врз Ормуски Теснец.
Во меѓувреме, САД ја зголемуваат својата воена присутност на Блискиот Исток. Американските официјални лица најавуваат можност за засилени воени акции, а министерот за одбрана, Пит Хегсет, истакна дека не се исклучува ниту копнена операција.