Земјата често спроведува вакви вежби за да ги подобри своите одбранбени способности и да го тестира своето оружје
Иранската војска денеска ги започна своите годишни воени вежби долж брегот на Оманскиот залив во близина на стратешкиот теснец Ормуз.
Ова се случува во позадина на репресијата наметната од властите против антивладините протести, кои траат повеќе од три месеци, јави Асошиејтед прес, повикувајќи се на државната телевизија.
Теснецот се наоѓа на устието на Персискиот Залив и е критичен за глобалните резерви на гориво. Низ него поминува околу една петтина од нафтата што се транспортира по море, објаснува агенцијата.
Државната телевизија соопшти дека командосите и единиците за воздухопловство ќе учествуваат во вежбата наречена Золфагар 1401, која ќе вклучува и беспилотни летала, борбени авиони, хеликоптери, воени транспортни авиони и подморници. Иранската армија ќе лансира ракети и ќе тестира системи за противвоздушна одбрана, додаде телевизијата.
Воените маневри имаат за цел „да ја подобрат подготвеноста на армијата да одговори на надворешни закани и потенцијални инвазии“, се додава во соопштението.
Од средината на септември, Иран е потресен од антивладини протести предизвикани од смртта на една млада жена која беше приведена од полицијата за морал. Демонстрациите брзо се претворија во барања за ставање крај на повеќе од 40-годишното владеење на ајатоласите, потсетува АП.