Свет

Италија нуди бесплатни куќи за живеење во период од 10 години, може да аплицираат и Македонци

Италија нуди бесплатни куќи за живеење во период од 10 години, може да аплицираат и Македонци

Бесплатно да живеат во куќа или стан во Италија во следните десет години – ваква можност нуди регионот Калабрија преку нова програма со која се обидува да привлече нови жители и да ги оживее малите населени места што со години се соочуваат со иселување и намалување на населението.

Програмата „Ripopola Calabria“ предвидува бесплатно користење на обновени куќи и станови, без месечна кирија и без трошоци за почетните градежни работи. Во првата фаза се опфатени 50 недвижности во 26 општини, а за реализација на проектот регионалните власти издвоиле 20 милиони евра.

Претседателот на Калабрија, Роберто Окиуто, објасни дека регионот ќе ги финансира обновувањето на напуштените и неискористени јавни објекти, по што тие ќе им бидат отстапени на избраните кандидати.

„Ќе ги обновиме овие куќи на трошок на регионот. Нема да платат ниту цент, а ќе можат бесплатно да живеат во нив десет години“, порача Окиуто при претставувањето на иницијативата.

Понудените објекти имаат површина до 140 квадратни метри и се наоѓаат во помали населени места. Сепак, куќите не се подаруваат и не преминуваат во сопственост на корисниците. Тие остануваат сопственост на општините, а избраните кандидати добиваат право на бесплатно користење во период од десет години.

Периодот започнува да тече по завршувањето на реновирањето и официјалното предавање на недвижноста. Новите станари ќе мора да го пријават своето живеалиште на добиената адреса и навистина да живеат таму во текот на договорениот период. Нема да смеат да ги издаваат куќите на други лица или да ги користат како туристичко сместување.

Програмата ги покрива трошоците за обновување на објектите, но не и за набавка на мебел.

Кој може да аплицира?

Можноста е наменета за полнолетни лица кои најмалку три години живеат надвор од регионот Калабрија и се подготвени да се преселат таму.

Право на пријавување имаат италијански државјани, граѓани на земјите членки на Европската Унија, но и државјани на други земји кои ги исполнуваат условите за законски престој во Италија. Тоа значи дека и македонските државјани можат да аплицираат, но добивањето право на користење на куќа не значи автоматско добивање дозвола за престој во Италија. За нив важат и италијанските имиграциски прописи.

Дополнителни бодови при изборот ќе добиваат семејства со деца, самохрани родители, млади брачни и вонбрачни партнери, како и лица кои можат да работат од дома. Предност ќе имаат и самовработени лица, претприемачи, професионалци од културниот сектор, лица со попреченост и потомци на иселеници од Калабрија кои сакаат да се вратат во регионот.

Кандидатите можат да изберат најмногу три недвижности од официјалниот каталог, наведувајќи ги според редоследот на желбите. За секој објект ќе биде формирана посебна ранг-листа, а користењето ќе им биде доделено на кандидатите кои ќе ги исполнат условите и ќе освојат најмногу бодови.

Пријавувањето до 18 декември

Заинтересираните можат да поднесат електронска пријава најдоцна до 18 декември 2026 година, до 17 часот, преку официјалната платформа на програмата и со соодветна дигитална идентификација.

Куќите нема веднаш да бидат достапни за вселување, бидејќи претходно треба да завршат планираните градежни работи. Според предвидената динамика, обновувањето и предавањето на недвижностите треба да се реализираат во текот на 2028 година.

Целта е да се оживеат напуштените населени места

Калабрија со години се соочува со иселување на младите и намалување на населението во помалите места. Како последица, голем број куќи останале празни, а дел од општините се соочуваат и со затворање продавници, намалување на бројот на ученици и недостиг од работна сила.

Со програмата „Ripopola Calabria“, регионалните власти сакаат напуштените недвижности повторно да ги стават во функција и да привлечат семејства, млади луѓе, работници и претприемачи кои би започнале нов живот во овој дел на Италија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни