Италијански експерти ги обучуваат воздухопловните единици на МВР според европски стандарди

Во периодот од 20 до 24 Април во Центарот за обука – Идризово, припадниците на Одделот за воздухопловни единици при Министерството за внатрешни работи, во рамки на активностите од ЕУ Твининг Лајт проектот “Зајакнување на капацитетите на Министерството за внатрешни работи за спроведување на воздухопловни операции”, присуствуваат на обука која се спроведува од страна на заменик-директорот на ENAC – Ente Nazionale per l’Aviazione Civile (Агенцијата за цивилно воздухопловство на Италија) г-дин Фабио Николаи, заедно со италијански воздухопловни експерти.

Твининг проектот официјално започна во Јануари 2026 година и ќе се реализира во период од 10 месеци со директна логистичка и административна поддршка на Eutalia и Delegation of the European Union to North Macedonia, кои имаат клучна улога во неговата успешна имплементација.

Целта на проектот е зајакнување на оперативните капацитети на Одделот за воздухопловни единици во рамките на Министерството за внатрешни работи, со што извршувањето на воздухопловните операции ќе се издигне на ниво на европските и меѓународните стандарди, а истовремено ќе се зголемат безбедноста и ефикасноста на полициските активности.

Одделот за воздухопловни единици има клучна улога во реализацијата на спасувачки мисии, справувањето со пожари, борбата против криминалот како и во поддршката на останатите полициски активности.

Во таа насока, преку овој проект, Министерството за внатрешни работи ја потврдува својата посветеност кон унапредување на европските стандарди и практики, со крајна цел – зголемување на безбедноста на граѓаните.