Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, изнесе сериозни сомнежи за легитимитетот на изборниот процес, посочувајќи на конкретни методи кои, според него, биле користени за манипулација на гласовите.
Јакимовски детално опиша ситуации од изборните места кои, според него, не можат да бидат случајни, туку се дел од добро разработена шема.
„Како е можно наутро кога ги броите ливчињата едно да фали? Или во текот на денот едно ливче да исчезне, па демек го наоѓаат паднато под столот на тој што ги дели? Ливчињата се во блок, тие се кинат – не можат сами да паднат. Тоа се обиди да се тргнат ливчиња на страна за да се реализираат таканаречените ‘бугарски возови’“, тврди Јакимовски.
Најголемиот аларм за Јакимовски е енормниот број на неважечки гласачки ливчиња, што според него е статистички невозможно за елоквентна и образована средина како што е Карпош.
Од 29.000 излезени гласачи, дури 2.860 ливчиња завршиле како неважечки.
Јакимовски смета дека ова не е само резултат на граѓански револт, туку смислена техника.
„Карпош не е неписмена општина. Луѓето таму многу добро знаат зошто излегуваат и како се гласа. Ова е рекорд каков што немало на ниту едни избори досега.“, вели тој.
На забелешката дека на ниво на цела држава има рекордни над 50.000 неважечки ливчиња, Јакимовски упати директно обвинување кон политичките противници.
„Тоа само покажува колку ВМРО ги усоврши техниките за манипулација и за поништување на ливчињата на своите противкандидати. Има тука и револт кај граѓаните, но има и свесно поништување на гласови при самото броење или со дополнително чкртање“, вели тој.
Јакимовски навести дека сите овие индиции се сериозен материјал кој фрла дамка врз целиот изборен процес во општината, нагласувајќи дека ваквите „техники“ го убиваат демократскиот капацитет на државата.