Македонија

Како да разговарам за мојот идентитет? За мојот јазик? Извинете, не можам, рече Силјановска-Давкова

Како да разговарам за мојот идентитет? За мојот јазик? Извинете, не можам, рече Силјановска-Давкова

Македонија повеќепати покажала политичка волја на патот кон Европската Унија, а сега таква волја треба да покажат и Унијата и соседите, порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова во интервју за „Евроњуз“, во рамките на Самитот за проширување во Брисел. Таа оцени дека пречките во евроинтегративниот процес во голема мера произлегуваат од политичките позиции на соседните држави и нагласи дека дијалогот мора да се води меѓу рамноправни соговорници.

„Рационалните проблеми можеме да ги надминеме. Но ирационалните проблеми? Како да разговарам за мојот идентитет? За мојот јазик? Извинете, не можам“, рече Силјановска-Давкова.

Прашана дали е подготвена да ризикува одложување на пристапувањето во ЕУ поради противењето на уставните измени под сегашните услови, претседателката се наврати на Преспанскиот договор и на промената на името. Според неа, тогаш на граѓаните им било претставувано дека со исполнувањето на тој услов ќе се отвори патот кон членство.

Таа потсети дека референдумското прашање се однесувало на членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Преспанскиот договор, а не само на почеток на преговори.

„Нè посетија повеќе од 40 претседатели и премиери. Нашиот аеродром стана како франкфуртскиот. Ни велеа дека ова е последниот услов“, истакна претседателката, објаснувајќи зошто македонскиот пат кон ЕУ го споредува со „Чекајќи го Годо“.

„Не можам да гарантирам уставни измени“

Во однос на барањето за внесување на Бугарите во Уставот, Силјановска-Давкова нагласи дека не може да ветува исход што зависи од пратениците.

„Мојот легитимитет произлегува од граѓаните и им припаѓа ним. Како тогаш можам да ви ветам дека ќе го смениме Уставот?“, праша таа.

Претседателката додаде дека не е апсолутен монарх и дека пратениците ги претставуваат граѓаните и самостојно гласаат. Истовремено, оцени дека голем дел од досегашните уставни измени биле наметнати.

Зборувајќи за расположението на јавноста, таа наведе дека 80 проценти од граѓаните се против уставните измени, додека поддршката за ЕУ изнесува 70 проценти. Во интервјуто не посочи на кое истражување се однесуваат овие бројки.

Според неа, ваквите ставови покажуваат дека противењето на уставните измени не значи и откажување од европската иднина.

„Историски, културно и географски отсекогаш сме биле дел од Европа. И заслужуваме да бидеме дел од неа и политички“, порача Силјановска-Давкова.

За Бугарија: Дијалогот не може да биде „слушај и постапувај“

Претседателката рече дека се обидува преку средби и разговори со бугарските државни претставници да придонесе кон наоѓање решение и дека ќе продолжи со таквиот пристап.

Сепак, предупреди дека разговорите не можат да се засноваат на однос во кој едната страна ја користи својата позиција на членка на ЕУ за да ѝ диктира услови на другата.

„Ако моделот или форматот на дијалогот е: ‘Слушај и постапувај. Јас сум членка, ти не си. Јас имам право на вето, ти немаш’, тогаш постои проблем. Бидејќи дијалогот подразбира рамноправност на соговорниците“, рече таа.

На прашањето кој би бил одговорен доколку и по пет години земјата нема јасен пат кон членство — Скопје, Софија или Брисел — Силјановска-Давкова ја посочи одговорноста на сите три страни. Притоа нагласи дека Македонија веќе повеќепати покажала подготвеност за компромиси и дека сега очекува соодветна политичка волја од ЕУ и од соседите.

Чекањето ги оддалечува младите од земјата

Во интервјуто беше отворено и прашањето за иселувањето на младите, кои не сакаат неодредено да ја чекаат европската перспектива.

„Ги губиме најдобрите студенти“, рече претседателката, оценувајќи дека младите се добро образовани, ги познаваат европските политички и правни системи и се чувствуваат како Европејци.

На прашањето што им порачува на оние што сакаат да заминат, одговори: „Одете и вратете се“, но веднаш додаде дека за нивното враќање мора да постои перспектива.

Силјановска-Давкова рече дека сè уште верува оти ЕУ може да најде решение и ја поддржа постепената интеграција. Според неа, пристапот до единствениот пазар и вклучувањето во европските механизми, дигитализацијата и олеснувањата за роаминг можат да им дадат на земјите кандидати чувство дека се дел од процесот.

„Имате чувство дека чекорите заедно, дека не сте оставени настрана и не сте заборавени“, објасни таа.

„Улогата на НАТО е и наша улога“

Зборувајќи за безбедносните предизвици, претседателката ги посочи регионалната нестабилност, руското влијание и можноста за оддалечување на Западен Балкан од Европа како потенцијални закани. Таа нагласи дека политичкиот вакуум не останува празен и дека мирот и стабилноста на регионот се од суштинско значење.

На прашањето колку е загрижена за руското влијание, одговори дека не е многу загрижена, посочувајќи ја западната ориентација на младите и членството во НАТО.

„Нашите студенти не одат кон Москва, туку кон Брисел“, рече Силјановска-Давкова, додавајќи дека постојат можности за надворешно влијание, особено преку злоупотреба на вештачката интелигенција.

Прашана каква улога би имала земјата доколку Русија го стави на испит источното или југоисточното крило на Алијансата, таа одговори: „Ние веќе ја избравме нашата улога. Улогата на НАТО е и наша улога“.

Претседателката изрази поддршка и за напредокот на Црна Гора и Албанија кон ЕУ, оценувајќи дека ново членство од регионот би било позитивен сигнал за целиот Западен Балкан. Според неа, соседните држави треба заеднички да ги застапуваат регионалните интереси, вклучително и во рамките на Европската Унија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни