Доналд Трамп пријавил приход што надминува 600 милиони долари од криптовалути, терени за голф, лиценцирање и други деловни потфати, според неговиот финансиски извештај, што нуди редок увид во ширината на неговите деловни активности.
Годишниот финансиски извештај, кој се чини дека ја опфаќа календарската 2024 година, открива дека вклученоста на Трамп во криптовалутите значително придонела за неговото богатство. Вкупно, Трамп пријавил средства во вредност од најмалку 1,6 милијарди долари, според пресметките на Ројтерс.
Иако Трамп изјави дека ги префрлил своите бизниси во фонд управуван од неговите деца, доказите сугерираат дека приходите од овие извори на крајот му одат нему. Ова предизвика критики за потенцијални судири на интереси, особено во врска со активностите за криптовалути кои би можеле да имаат корист од политичките одлуки на САД под негово водство.
Финансискиот извештај е потпишан на 13 јуни, без да се наведува точниот период што го опфаќа. Сепак, деталите за криптовалутите и другите информации сугерираат дека тој опфаќа до крајот на декември 2024 година, изоставувајќи го поголемиот дел од приходите од поновите активности на семејството со криптовалути.
Во изјавата е евидентиран период кога семејството штотуку почнувало да се вклучува во криптовалутите, додека главниот акцент останал на трансакциите со недвижности и терените за голф.
Мем-монета лансирана претходно оваа година од Трамп, $TRUMP, генерираше 320 милиони долари од надоместоци. Сепак, не е точно познато како таа сума е поделена помеѓу компанијата контролирана од Трамп и нејзините соработници.
Покрај заработката од мем-конетата, семејството Трамп заработило повеќе од 400 милиони долари од „Ворлд Либерти Фајненшл“, компанија која работи во децентрализираниот финансиски простор. Семејството е вклучено и во бизнис за рударење биткоини и фондови за тргување со дигитални средства на берза.
Во изјавата, Трамп пријави продажба на токени во вредност од 57,35 милиони долари на „Ворлд Либерти Фајненшл“, додека наведува дека поседува 15,75 милијарди токени за управување во истата компанија.
Богатството на републиканскиот бизнисмен и политичар се движи од криптовалути до недвижности, а значителен дел од него е поврзан со неговиот удел во „Трамп Медиа енд Технолоџи Груп“, сопственик на платформата за социјално вмрежување „Трут Сошнал“.
Покрај неговите средства и деловни приходи, Трамп пријавил најмалку 12 милиони долари пасивни инвестиции, како што се камати и дивиденди, со вкупна вредност на инвестициите од најмалку 211 милиони долари. Неговите најголеми инвестиции биле во „Blue Owl Capital Corp“ и државни обврзници управувани од Чарлс Шваб и „Invesco“.
Во изјавата се наведени приходите од разни средства, вклучувајќи ги и имотите на Трамп во Флорида. Трите голф терени во државата – Јупитер, Дорал и Вест Палм Бич – како и неговиот приватен клуб Мар-а-Лаго генерирале приходи од најмалку 217,7 милиони долари.
„Трамп Нешнал Дорал“, големиот голф-центар во областа Мајами, каде што се наоѓа теренот „Блу Монстер“, беше најголемиот извор на приход на семејството со 110,4 милиони долари. Пријавените износи се приходи, а не нето добивка по расходите.
Во изјавата се истакнува и меѓународната димензија на бизнисите на семејството Трамп, со евидентирање на приход од 5 милиони долари од лиценцирани такси за развој во Виетнам, 10 милиони долари од развојни такси за проект во Индија и речиси 16 милиони долари од лиценцирани такси за проект во Дубаи.
Трамп, исто така, собрал авторски права од разни зделки, вклучувајќи 1,3 милиони долари од Библијата на Гринвуд (нејзината веб-страница ја опишува како „единствената Библија официјално одобрена од Ли Гринвуд и претседателот Трамп“), 2,8 милиони долари од часовниците Трамп и 2,5 милиони долари од патиките и парфемите Трамп.
Трамп пријавил приход од 1,16 милиони долари од неговите NFT-и, дигитални картички за тргување со неговиот лик, додека Меланија Трамп заработила околу 216.700 долари од лиценцирани такси за нејзината сопствена NFT-колекција.
