Свет

Калас: Важно е преговорите меѓу САД и Иран да продолжат

Калас: Важно е преговорите меѓу САД и Иран да продолжат

Шефицата на европската дипломатија Каја Калас повика на продолжување на преговорите меѓу САД и Иран и го пофали Пакистан за неговата улога во посредувањето меѓу двете земји.

Калас ова го изјави на почетокот на 8-от стратешки дијалог меѓу Европската унија и Пакистан во Исламабад, каде што се сретна со пакистанскиот министер за надворешни работи Исхак Дар.

„Станува збор за конфликт кој влијае на целиот свет кога се во прашање цените на енергијата и ѓубривата. Затоа е важно примирјето да се одржи и преговорите да продолжат“, изјави Калас.

Пофалена улогата на Пакистан

Таа посебно ја истакна улогата на Пакистан во организирањето директни разговори меѓу Вашингтон и Техеран.

Пакистан моментално посредува меѓу САД и Иран во обидите да се стави крај на конфликтот кој започна кон крајот на февруари. Примирјето стапи на сила на 8 април по посредување на Исламабад.

„Живееме во геополитичка средина исполнета со спорови. Напнатост постои насекаде, а ризикот од ескалација е реален. Ги делиме и приоритетите кога станува збор за меѓународен поредок заснован на правила“, изјави Калас.

Прва посета на Пакистан

Ова е нејзина прва посета на Пакистан откако ја презеде функцијата висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседателка на Европската комисија.

„Работиме на глобална и регионална стабилност затоа што тоа е во наш интерес“, порача таа.

Таа додаде дека со пакистанските претставници ќе разговара за зајакнување на соработката во областа на климатските политики, дигиталната инфраструктура, миграцијата и мобилноста, како и за регионални и глобални прашања.

Пакистан: Дијалогот со ЕУ е важен

Пакистанскиот министер за надворешни работи Исхак Дар ја истакна важноста на редовниот стратешки дијалог со Европската унија.

Тој рече дека со Калас бил во постојан контакт околу повеќе меѓународни теми, вклучувајќи ги минатогодишните тензии меѓу Пакистан и Индија, како и актуелниот конфликт меѓу САД и Иран.

Европската унија е втор најголем трговски партнер на Пакистан. Благодарение на програмата GSP+, Пакистан има повластен пристап до европскиот пазар за голем дел од својот извоз.

Овој статус, кој првпат беше доделен во 2014 година, е продолжен до 2027 година по одлука на Европскиот парламент од октомври 2023 година.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни