Надбискупијата Санта Фе, Ново Мексико, постигна привремена спогодба за 121,5 милиони долари за да ги задоволи барањата на жртвите на сексуално насилство извршено од католички свештеници, пренесе АП.
Според агенцијата, ова е една од најголемите суми според договорот поврзан со сексуален напад во Римокатоличката црква во САД. Парите ќе бидат искористени за исплата на отштета на жртвите во парохиите во северниот дел на државата, се вели во писмото на надбискупијата до верниците. Под притисок од лавина тужби на жртвите, надбискупијата побара заштита според член 11 од Федералниот закон за стечај.
Договорот опфаќа повеќе од 350 жртви и докажаните дела на 74 свештеници, рече Брајан Смот, адвокат на речиси една третина од жалителите. Повеќето сексуални напади се случиле пред повеќе од четири децении.
Во април, бискупијата Камден, Њу Џерси, се согласи да плати вкупно 87,5 милиони за вонсудско решавање на жалбите од 300 жртви на сексуална злоупотреба од католички свештеници, објавија тогаш локалните медиуми.
