Свет

Киев го одби предлогот на Путин за прекин на огнот: „И Хитлер постави ултиматуми“

Киев го одби предлогот на Путин за прекин на огнот: „И Хитлер постави ултиматуми“

Рускиот претседател Владимир Путин „не е во позиција“ да поставува услови за Украина да ја заврши војната, изјави во петокот американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, пофалувајќи ги воените успеси на Украина во војната со Русија.

„Тој во никој случај не е во позиција да ѝ диктира на Украина што треба да направат за да донесат мир“, изјави Остин за новинарите во седиштето на НАТО во Брисел.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенбег го оцени предлогот на Путин како „апсурден“.

„Не треба да се повлечат украинските сили од украинската територија, туку руските сили. Овој предлог всушност значи дека Русија треба да има право да окупира уште повеќе украинска територија. Ова не е мировен предлог, туку предлог за уште поголема агресија и окупација“, рече Столтенберг.

Путин рече дека „идното постоење на Украина“ зависи од повлекувањето на нејзините сили, неутралниот статус и почетокот на преговорите со Русија и предупреди дека воената ситуација на Украина ќе се влоши доколку таа ја одбие понудата.

Во пресрет на мировната конференција во Швајцарија, на која Русија не беше поканета, Путин претстави низа услови кои се во целосна спротивност со условите поставени од Украина.

„Условите се многу едноставни“, рече Путин, барајќи целосно повлекување на украинските сили од целата територија на Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје во источна и јужна Украина.

„Штом Киев ќе изјави дека е подготвен за таква одлука и ќе започне со вистинско повлекување на нивните сили од овие региони, а исто така официјално објави дека се откажуваат од плановите за влез во НАТО, од наша страна, веднаш, буквално во истото. минута, следува наредба за прекин на огнот и почеток на преговорите“, рече рускиот претседател.

„Повторувам, тоа ќе го направиме веднаш. Се разбира, во исто време ќе гарантираме непречено и безбедно повлекување на украинските трупи и формации“.

„Денеска презентираме уште еден конкретен, вистински мировен предлог. Ако одбијат во Киев и западните престолнини како порано, тогаш, во крајна линија, продолжувањето на крвопролевањето е нивна работа, нивна политичка и морална одговорност“, рече Путин.

„Повторувам, нашата принципиелна позиција е следна: неутрален, неврзан статус за Украина без нуклеарно оружје, нејзина демилитаризација и денацификација.

Путин рече дека условите за завршување на војната мора да бидат регулирани со меѓународни договори.

„Се разбира, тоа подразбира и укинување на сите западни санкции против Русија. Верувам дека Русија нуди опција која ќе дозволи војната во Украина навистина да заврши“, рече Путин.

Украина и нејзините западни сојузници ги отфрлија таквите понуди од почетокот на конфликтот, сметајќи ги како лажен изговор за империјалистичка војна за територија. Украина тврди дека демилитаризацијата или идната неутралност ќе ја изложат на дополнителни руски напади.

„Предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за прекин на огнот е ултиматум на кој не може да му се верува“, изјави во петокот украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во својот говор претходно во петокот, Владимир Путин рече дека Русија ќе стави крај на војната во Украина доколку Киев се откаже од своите амбиции да се приклучи на НАТО и целосно да ги предаде четирите региони за кои тврди Москва.

Зборувајќи за италијанската телевизија SkyTG24 на маргините на самитот на Г7 во Италија, Зеленски рече дека верува оти Путин нема да ја прекине воената офанзива дури и ако се исполнат неговите барања за прекин на огнот.

„Таа порака е ултиматум и не се разликува од претходните пораки“, рече Зеленски. „Тој нема да запре“, рече тој, додавајќи дека Путин има експанзионистички намери исто како и германскиот нацистички диктатор Адолф Хитлер пред избувнувањето на Втората светска војна.

„Тоа е исто како она што го направи Хитлер… Затоа не треба да веруваме во тие пораки“, додаде Зеленски.

Украинското Министерство за надворешни работи оцени дека зборовите на Путин се „манипулативни“ и дека „се насочени кон заблуда на меѓународната заедница и поткопување на дипломатските напори за постигнување праведен мир“.

„Апсурдно е Путин, кој ја планираше, подготви и изврши, заедно со своите соучесници, најголемата вооружена агресија во Европа од Втората светска војна, да се претставува како миротворец“, додаваат од Министерството.

Советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак изјави дека „не е можен компромис“ меѓу зборовите на Путин и условите на Украина за ставање крај на војната иницирана од Русија.

„Тој и нуди на Украина да го признае поразот. Тој и нуди на Украина легално да и отстапи територија на Русија. Тој и нуди на Украина да се откаже од својот геополитички суверенитет“, рече Подољак преку Зум.

Предлогот на Путин беше отфрлен и од западните сојузници на Киев

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни