Свет

Кина е првата во светот која трансплантира модифициран свински црн дроб на човек

Кина е првата во светот која трансплантира модифициран свински црн дроб на човек

Кинески лекари за првпат во светот трансплантирале свински црн дроб на човечки примател, соопштија научници од Воениот медицински универзитет во Сијан, на северозападот од Кина.

Користен е црн дроб од минијатурна свиња, која била генетски модифицирана со цел да се намали ризикот од одбивање на органот.

По трансплантацијата на лице без когнитивни функции (пациент со мозочна смрт), црниот дроб успешно произведувал жолчка и одржувал стабилен проток на крв.

Научниците потоа ја следеле способноста на црниот дроб да ги извршува основните функции, протокот на крв, како и имунолошкиот и воспалителниот одговор во текот на следните десет дена.

Истражувачите се надеваат дека овој орган во иднина би можел да се користи како потенцијална терапија за пациенти со откажување на црн дроб, кои чекаат човечки донорски орган.

„Црниот дроб што го земавме од генетски модифицирана свиња функционираше многу добро во човечкото тело. Тоа е големо достигнување. Оваа операција навистина беше успешна“, изјави професор Лин Ванг, автор на студијата чии резултати се објавени во списанието Nature.

„Го следевме протокот на крв во различни вени и артерии. Сè функционираше многу добро“, додаде Ванг.

Експериментот бил прекинат по десет дена, на барање на членовите на семејството на пациентот.

За да ја подобрат компатибилноста со човечкиот црн дроб за потребите на трансплантацијата, научниците модифицирале шест гени. Наодите укажуваат дека таков модифициран црн дроб може да функционира во човечко тело, но за долгорочни резултати потребни се дополнителни истражувања, се наведува во студијата.

Ванг изрази желба во иднина слични истражувања да се спроведат и на лица кои не се мозочно мртви, но предупреди на бројните компликации и „строгите правила“ што таквите операции ги подразбираат.

Рафаел Матеанс, основач на Националната организација за трансплантација на Шпанија, изјави дека „ова е прв случај на трансплантација на генетски модифициран свински црн дроб во тело на човек со мозочна смрт во светот“.

„Крајната цел на експериментот не беше да се направи стандардна, рутинска трансплантација на црн дроб, туку да се покаже дека свинскиот црн дроб може да се користи како привремен орган-мост во случаи на акутно откажување на црниот дроб – додека се чека човечки орган за конечна трансплантација“, рече тој.

Трансплантацијата на црн дроб е најефикасниот начин за лекување на терминален стадиум на болести на црниот дроб, но побарувачката за донорски органи далеку ја надминува понудата.

Свињите се сметаат за најдобра алтернативна опција за извори на органи поради нивната физиолошка сличност и големината, која е блиска до човечката.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни