Управувале автомобили без воопшто да имаат положено возачки испит, поради што седум лица завршиле во полициска станица во изминатото деноноќие. Контролите биле спроведени на различни локации низ државата, а сите осомничени се товарат за безобѕирно управување со моторно возило.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека полициските службеници ги лишиле од слобода А.С. (25) и М.С. (19), двајцата од Скопје, И.Ќ. (36) од Долно Палчиште, Д.М. (20) од Гостивар, Т.К. (50) од Близанско, Д.С. (40) од Радовиш и С.М. (23) од Прилеп.
Според МВР, сите седуммина управувале возила без претходно да положат возачки испит, со што го сториле кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“ предвидено во член 297-а од Кривичниот законик.
По целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од полицијата повторно апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не седнуваат зад волан без положен возачки испит, со активна забрана за управување или под дејство на алкохол.
Одговорното однесување на сите учесници во сообраќајот е клучно за спречување на сообраќајни несреќи и заштита на човечките животи.