До редакцијата на 4NEWS.MK пристигна пријава од жители на Маџир Маало, кои алармираат на сериозно нарушена безбедносна состојба во населбата и бараат од надлежните институции конкретни одговори.
Според пријавата, во период од само два месеци во Маџир Маало се регистрирани две опожарувања на возила и два инциденти со фрлање експлозивни направи.
Особено вознемирувачки е наводот дека двата инциденти со бомби се случиле во два последователни дена – на 28 и 29, што дополнително го зголемило стравот кај жителите.
„Два дена по ред бомби во населено маало. Две запалени возила. И што понатаму?“ – се наведува во пријавата доставена до нашата редакција.
Жителите велат дека секојдневно поминуваат покрај местата каде што се случиле инцидентите, без да знаат дали и кога би можело да се случи нов случај.
„Најголемото прашање е едноставно: до кога?“, прашуваат тие, барајќи институциите да покажат поголема присутност и транспарентност.
Од пријавата произлегува и загриженост дека за дел од случаите јавноста сè уште нема конкретни информации за нивниот епилог, ниту пак одговор кој стои зад инцидентите.
Жителите нагласуваат дека не обвинуваат конкретни лица и не тврдат дека случаите се меѓусебно поврзани, но сметаат дека четири сериозни безбедносни инциденти во период од само два месеци се доволна причина за сериозна институционална реакција.
Тие бараат од Министерството за внатрешни работи јавно да информира:
- што досега е преземено во врска со случаите;
- до каде се истрагите;
- дали има идентификувани или осомничени лица;
- дали некој е приведен или процесуиран;
- и какви мерки се преземаат за спречување на нови инциденти.
„Маџир Маало не е ничија приватна зона за пресметки. Тука живеат луѓе“, велат жителите.