Се наближува учебната година, но локалните и централните власти не знаат колку наставници ќе недостигаат бидејќи се уште е на сила мерката за лицата со деца до предшколска возраст и оние со хронични болести да бидат ослободени од работа.
Ова се очекува да се дознае следната недела, а до тогаш наставниците треба да ги известат директорите на училиштата дека се ослободени од работа бидејќи имаат дете на предшколска возраст или пак имаат хронични болести.
Во меѓувреме од МОН предлагаат наставниците кои влегуваат во овие две категории, да можат да предаваат онлајн со размена на учениците меѓу колегите од истото училиште или другите училишта. Се предлага ова да се реши во рамки на самите училишта или општини.
Појаснето е дека ослободени од работа се само родителите кои имаат деца до 6 години.
Дали ќе се укине оваа мерка,бидејќи градинките веќе од 9 септември се отвораат, властите без ветување. Накратко одговорија дека за тоа треба да одлучи Владата со препорака од Комисијата за заразни болести. Министерот за здравство, Венко Филипче во интервју за ТВ21 рече дека ќе се одлучува по проценката на ризикот од актуелната состојба со епидемијата со Ковид-19. Поради овие мерки за недостиг од кадар алармираа и градинките.
.