Последен поклон за доајенот на македонското глумиште Мето Јовановски. Колегите актери се простија од човекот кој остави неизбришлива трага на уметничката сцена. Ненадоместлива загуба за театарската и филмска сцена, човек за кој актерите велат дека и најтешките улоги ги играл со особена леснотија.
Последен пат на сцената на драмски пред дваесетина дена бравурозно ја одигра својата последна претстава „Mоето име е Горан Стефановски“.
Еден од водечките драмски уметници во Македонија ќе се памети по легендарните филмски улоги во „Tетовирање“, „Среќна нова 49“, „Големата вода“, „До Балчак“, „Пред дождот“ и многу други. Јовановски е добитник на многу награди, „Златна клапа“ во Белград, четирикратен лауреат е на наградата „Милтон Манаки“, наградата „Петре Прличко“, наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“, има признание за животно дело. Неговите реплики уште долго ќе се повторуваат.