Косово денеска ќе поднесе барање за членство во Советот на Европа, пишува приштински Коха во авторскиот текст на дописникот од Брисел Аугустин Паљокај.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ синоќа зборуваше за апликацијата за членство на Косово во Советот на Европа.
Вучиќ рече дека овој чекор на Косово ќе биде „спротивен на нормите на некои договори, од резолуцијата 1244 на Советот за безбедност до Вашингтонскиот договор“, посочува Коха.
– Ако некој сака да ја разбие Србија со притисок и уцени, нема да биде лесно – рече Вучиќ и предупреди дека „Србија е подготвена да одговори“.
Косово доби поддршка од неколку земји за членство во Советот на Европа, од кои некои дадоа јавни изјави.
За време на вечерата во Брисел, како што пренесува Коха, Србија била под притисок да ги поддржи санкциите на Европската унија против Русија поради агресијата врз Украина.
Србија е единствената земја во регионот на Западен Балкан која не воведе санкции кон Русија, а тоа предизвика негодување во некои земји од Европската унија.
Русија беше исфрлена од Советот на Европа по почетокот на инвазијата на Украина, потсетува на крајот Коха.