Косовската полиција синоќа приведе осуммина чешки државјани, осомничени дека планирале да предизвикаат инцидент на денешниот фудбалски натпревар меѓу репрезентациите на Косово и Чешка, кој се одвива во рамки на квалификациите за европското првенство во фудбал 2020 година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Официјални извори од косовската полиција информираа дека кај шест машки и две женски лица дојдени од Чешка, од полицијата во градот Урошевац биле откриени еден дрон, знамиња на Република Србија и транспаренти со српски симболи и пораки против косовската држава, односно со написи на српски јазик „Нема предавање“ и „Косово е српско“. Освен овие материјали, кај приведените, од кои еден има и српско државјанство, пронајдени се и конфискувани и една камера и два апарати за радио-врски.

Мајорот на косовската полиција, Мехметали Хајдини за порталот коха.нет изјави дека чешките државјани синоќа се задржани на распит во полицијата во Урошевац.

Натпреварот меѓу Косово И Чешка, во рамките на групата А од квалификациите за „Еуро 2020“ ќе се одигра денеска со почеток во 15 часот.