Во текот на вчерашниот ден Основното јавно обвинителство Кочани ја прошири истрагата за пожарот во кочанскиот клуб „Пулс“ за нови 19 лица.
По ова денеска на прес конференција излезе државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски кој истакна детали за истрагата.
Како што вели, сите, како и претходните за кои беше поведена истрага, се осомничени за Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
„Од нив, за 4 осомничени е предложена мерка притвор, за 7 осомничени мерка куќен притвор во комбинација со забрана за остварување комуникација, додека за уште 7 се предложени мерки за претпазливост. Еден осомничен во моментот на отворање на истрагата беше надвор од државата.
Во изминатиот период, обвинителскиот тим кој е проширен на вкупно 13 јавни обвинители интензивно постапуваше и испитуваше повеќе линии на одговорност за пожарот во кој за жал животот го загубија 61 лице, меѓу кои шест деца, а беа повредени уште 197 лица од кои 25 деца.
Покрај оние за кои постои сомненија за директна одговорност како сопственици, управители, организатори на забавата, обезбедување во клубот на критичната ноќ и корисници на пиротехничките средства, се истражува одговорноста и на сите институции и службени лица кои со своите незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабарето ПУЛС во Кочани од самиот почеток во подолг временски период па се до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот.
Законските норми и надлежности за заштита на безбедноста се јасни и тие се донесени и мора да се почитуваат токму за да се избегне ваква катастрофа.
Кога станува збор за одговорноста на локалните власти, врз основа на досегашните истражни дејствија, покрај тројцата градоначалници на Кочани кои се веќе осомничени, обвинителството дојде до основано сомнение за можна одговорност и на тројца овластени општински градежни инспектори, кои постапиле спротивно на своите надлежности и овластувања од Законот за градење и Законот за инспекциски надзор и воопшто не извршиле никаква инспекциска контрола на објектот кој со години бил незаконски пренаменет од објект за лесна индустрија во угостителски објект без никакви безбедносни стандарди.
Во рамките на Дирекцијата за заштита и спасување, освен претходно осомничениот директор, истрага е поведена за уште три лица на истата функција, вклучително и актуелниот директор, како и против генералниот инспектор во Дирекцијата кој бил на таа позиција во текот на целиот период на функционирање на клубот. Постои сомнение дека тие постапиле спротивно на нивната должност предвидена во Законот за заштита и спасување и Законот за инспекциски надзор и целосно ги запоставиле своите надлежности не само во однос на овој клуб, туку и на останатите угостителски објекти во државата. Низ годините ниту еднаш согласно ризиците кои постоеле и кои морале да ги имаат во предвид, не спровеле мерки на набљудување, следење и инспекциски надзор над објекти кои вршат угостителска дејност-дискотеки и кабареа. Со своето неизвршување на должностите, спротивно на јавниот интерес, во целост го нарушиле системот за заштита и спасување и со тоа во континуитет ги изложиле граѓаните на опасност од непроверени и контролирани објекти од аспект на исполнувањето на потребните законски услови за безбедност, заштита од пожари и опасност по нивното здравје и живот.
Покрај претходно осомничениот министер за економија, државен секретар и уште тројца раководни службеници, сега ново осомничени се уште три лица кои во одреден период од функционирање на клубот ја извршувале функцијата министер за економија, двајца државни секретари и уште три службени лица на раководни позиции надлежни на одделите за угостителство и туризам. Сите тие, како и претходно осомничените во Министерството за економија, се истражуваат затоа што му овозможувале на Кабаре клуб Пулс да добива лиценци без да ги исполнува минимално-техничките услови за работа и незаконито да продолжи со вршење на угостителската дејност за целиот период од отворањето до пожарот. Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата бидејќи нема ниту еден доказ дека сопственикот на клубот иницирал постапка за нова лиценца во 2025 година.
Од аспект на Државниот пазарен инспекторат, истражните дејствија до овој момент упатуваат на основани сомненија на уште четири пазарни инспектори кои биле надлежни да вршат инспекциски надзор за правилна примена на Закон за угостителската дејност, Закон за државен пазарен инспекторат и Закон за инспекциски надзор, како и подзаконските акти. Претходно во рамките на оваа институција, осомничени се уште три службени лица инспектори по истите основи. Што се однесува на двајцата поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат кои исто така од претходно се истражуваат, проверките за нив продолжуваат пред се поради околноста дека нивниот мандат се врзува со периодот во кој клубот работел со фалсификувана лиценца, како и уште неколку други лиценци кои се предмет на проверка.
Со ова, до овој момент, кочанското обвинителство во врска со пожарот поведе истрага против вкупно 45 физички и три правни лица. Еден од нив, по отворањето на истрагата почина како последица на повредите здобиени во пожарот и од тие причини, по целосно прибавување на документацијата за неговата смрт, постапката за него ќе биде запрена.
Дополнително, истрага се води и против седум полициски службеници во постапката што ја отпочна Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција односно Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција. И во тој дел истражните дејствија продолжуваат за целосно утврдување на линијата на одговорност, за што јавноста ќе биде веднаш известена.
Од почетокот на истрагата се појавија во јавноста многу прашања, коментари и дилеми по однос на одговорноста, обемот на предметот и аспектите кои ги истражуваме. Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и сите институции кои сме вклучени во оваа постапка чувствуваме огромна одговорност кон жртвите на овој трагичен настан, но и кон граѓаните воопшто за во целост да го испитаме.
Временската рамка за анализа на пропуштањето која обвинителството ја применува тука се заснова на принципот на:
Непосредно пропуштање – кое се анализира во краткорочен период (на пр. ненавремено реагирање на пожар или неуспех да се поправи дефект што веднаш довел до штета),
Но и долготрајно пропуштање – кое вклучува системски недостатоци, како што се повеќекратни пропусти во безбедносните процедури, што може да доведат до катастрофални последици години подоцна.
Предмет на анализа е и таканаречениот кумулативен ефект на пропуштањата
Ако повеќе различни лица во текот на долг временски период прават повторувачки пропусти, тие се дел од поширока причинска врска. Ова значи дека:
Дури и ако едно индивидуално пропуштање не е директна причина за штетата, нивниот збирен ефект може да биде критичен.
Континуирано игнорирање на ризикот во долг временски период може да создаде основа за правна или етичка одговорност.
Вакви Практични Примери на Долгорочен Каузалитет има повеќе:
На пример кај градежна сигурност: Ако со години не се врши редовен инспекциски надзор врз објект, а подоцна истиот се урне, одговорноста не се однесува само на последниот контролор, туку и на сите претходни надзорни органи кои не постапиле.
Еколошка штета: Ако повеќе генерации на менаџери на фабрика не применуваат еколошки стандарди, последиците може да станат видливи дури по децении (на пр. загадување на подземните води).
Јавна безбедност: Ако институциите со години не спроведуваат мерки за заштита од пожар во јавна зграда, а потоа дојде до катастрофален пожар, одговорноста не е само на последниот службеник, туку и на сите кои пропуштиле да реагираат претходно.
Во сложени случаи, анализа на каузалитетот не се врши само во еден временски момент, туку во хронолошки низи:
Првична точка на пропуст – Кога е првпат евидентиран проблемот?
Последователни пропусти – Дали повеќе субјекти го игнорирале проблемот низ годините?
Моментот на последицата – Дали конечниот настан (штета, несреќа) е директно поврзан со кумулативните пропусти?
Токму затоа повторувачките пропусти на различни лица низ подолг временски период се земаат предвид при анализа на причинско-последичната врска. Во случаи на долготрајна негрижа, цели институции или системи се одговорни, а не само поединци во моментот на самата последица.
Како пример во светски рамки имаме три големи пожари во слични објекти кои следат сличен пристап:
1. Пожарот во клубот во Романија во 2015
2. Пожарот во клубот во САД во 2003.
3. Пожарот во клубот во Бразил во 2013
Сите три случаи на масовни трагедии се поврзани со пожари како резултат на употреба на пиротехника.
Во сите случаи, пожарот бил директен причинител на смртните последици, но судовите ја признаа долгорочната серија на пропусти како фактори што го направиле пожарот толку разорен.
Одговорноста не беше ограничена само на оние што директно го предизвикале пожарот, туку и на оние што овозможиле опасни услови преку серија на административни и надзорни пропусти.
Ова покажува дека правото признава долгорочен каузалитет, особено кога постои јасен образец на игнорирање на ризиците што резултира во катастрофа.
Во сите овие случаи, кривичната одговорност е заснована на серија на пропусти што заедно довеле до катастрофата, а не само на непосредното дејствие што ја предизвикал.
На крај, би се заблагодарил за макотрпната практично деноноќна работа на сите јавни обвинители вклучени во оваа тешка и сложена истражна постапка. Исто така, благодарност и до полициските службеници од сите оддели и нивоа со кои соработуваме и работиме интензивно на сите истражни дејствија. Во постапката до сега се вклучени и многу стручни лица и вештаци со свој придонес, а и вие медиумите кои со своите известувања и пренесувања на сите дилеми ни помагате правилно да ја насочиме истрагата до секој еден сегмент на потенцијална одговорност. Претстојат уште многу дејствија, распити и анализи, меѓутоа останувам на тоа дека истрагата ќе биде максимално ефикасна и ќе ги даде сите очекувани одговори за оваа трагедија“, вели Коцевски.