Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, утре ќе испрати покана за лидерска средба со претседателите на сите партии застапени во парламентот за 7 ноември во 12 часот, соопштија од владината прес-служба.
Средбата, според најавата, е предвидено да се одржи во Собранието, а целта да се разговара за европскиот пат на земјава како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк консензус, како што се уставните измени со кои Бугарите и други народи ќе се внесат во Преамбулата од Уставот.
„Средбата која ја свикува претседателот на Владата, Ковачевски се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус“, велат од Владата.
Иницијатива за лидерска средба изминатите денови покажаа и опозициските партии од албанскиот блок кои веќе јавно излегоа со услов дека ќе поддржат уставни измени доколку меѓу нив биде и промена на формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“.