Владата на Ковачевски тајно преговара со Бугарија и администрацијата на Кирил Петков, a процесот е целосно нетранспарентен. За исходот од преговарањето не е информирана ниту опозицијата, ниту Собранието.
Вакви обвинувања на адреса на Владата упати Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Бараат, како што вели Ковачки, премиерот и министерот за надворешни работи да се даде одговор за што е постигнат напредок поради кој Бугарија слави, а Македонија молчи.
„Дали радоста во Бугарија е исполнување на сите бугарски барања и бришење на историјата, јазикот и идентитетот? Каков договор се спрема и зошто се уште Ковачевски молчи? Наместо да се крие и да бега од јавноста, веднаш да побара писмени гаранции за македонскиот идентитет и јазик и од Бугарија и од ЕУ. Доколку тој одбие тоа да го направи, отвора сериозен сомнеж дека се водат преговори кои се на штета на македонските национални интереси“, вели Ковачки.