Крај брегот на Кипар отворен подводен музеј со над 90 скулптури

Уметникот, еколог и фотограф Џејсон де Каир Тејлор отвори подводен музеј со над 90 скулптури на почетокот на овој месец.

Музејот се наоѓа во туристичкото место Аја Напа крај брегот на Кипар, додека пак скулптурите ќе служат и како вештачки гребени за помош во обновувањето на подводниот живот.

„Скулптурите се преобразуваат, па на нив растат корали, а има сунѓери што се лепат на површината (на статуите)“, вели авторот.

Музејот за подводни скулптури во Аја Напа (МУЗАН) содржи вкупно 93 уметнички дела изработени од комбинација на висококвалитетен морски не’рѓосувачки челик и еколошки подобен, тн. ПХ-неутрален бетон.

Скулптурите се сместени на длабочина од 8-10 метри, а парчињата се дизајнирани да привлечат различни видови морски животни.

Кристално чистото подрачје на оваа област, исто така, значи дека е погодно за нуркачи. Околу 10-15 отсто од морското дно има доволно цврста основа што овозможува природно создавање гребени, што ги прави скулптурите важен дел за зачувување на морскиот живот.

Инаку, сите претходни проекти на Џејсон низ целиот свет се специјално дизајнирани за секое место.