Македонија

Критичните минерали стануваат прашање на безбедност – дали Македонија ќе остане надвор од новите глобални текови?

Критичните минерали стануваат прашање на безбедност – дали Македонија ќе остане надвор од новите глобални текови?

Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја ограничи употребата на критични минерали од Кина, Русија, Иран и Северна Кореја претставува уште еден сигнал дека суровините сè повеќе се третираат како прашање на национална безбедност и стратешка независност.

Според новите правила, американската воена индустрија ќе може да користи само минерали со потекло од САД или од сојузнички земји, а потеклото на металите ќе се проверува за секоја компонента што се користи во производството на муниција. Во услови кога се очекува дополнителен раст на цените на критичните минерали, останува отворено прашањето дали Македонија ќе успее да го искористи својот потенцијал преку бакарот во Иловица и идните можности за експлоатација на антимон.

Во земјава има само четири активни рудници за металични суровини, а меѓу најкритичните минерали е бакарот, кој се експлоатира само во „Бучим-Боров дол“. Од овој рудник се извезуваат околу осум илјади тони бакар на годишно ниво. Многу поголеми средства за приходната страна на буџетот би имало ако се реализира засега единствената инвестиција во рудник за бакар, онаа во „Иловица-Штука“. Инвеститорот „Еуромакс ресоурцес“ процени дека би можеле да се извезуваат двојно, односно до 16 илјади тони бакар на годишно ниво. Ваквите бројки силно би го помогнале македонскиот извоз, а со самата изградба на рудникот, која би чинела над 350 милиони евра, значителен инпут ќе има и државниот буџет.

Од останатите метали кои се исклучително важни за воената индустрија, Македонија поседува и антимон во кривопаланечко. Геолошките истражувања финансиски, со пет милиони долари, неодамна ги помогна американскиот Департмент за енергија.

Инаку, во последната извршна наредба на Трамп се наведува дека „и покрај долгогодишната забрана за употреба на чувствителни материјали набавени од геополитички противници, компаниите историски го потценувале домашното производство“.

„За да се продолжи доминацијата во ерата на обновена конкуренција меѓу големите сили, Соединетите Американски Држави мора да ги обезбедат своите синџири на снабдување, поради можна физичка, сајбер или економска субверзија. Политиките на Соединетите Американски Држави се однесуваат не само на финалната опрема што ја поседува нашата војска, туку и на критичните минерали и материјали потребни за производство, одржување и сервис на таа опрема, кои треба да се набавуваат дома или од сојузнички земји“, напиша Трамо во документот.

Клучен функционер во Пентагон вели дека тие се подготвени да соработуваат со компаниите – сè додека тие вложуваат напор да ја почитуваат наредбата.

„Во многу случаи, сметаме дека постојат и разумни решенија кои се можни да се постигнат со пријателите и сојузниците, додека ние ги зголемуваме инвестициите. Градењето на домашните капацитети ќе бидат исплатливи за инвестицијата. Тоа ќе чини пари, но сметаме дека на долг рок ова е подобро за војската, а сметаме дека и макроекономски е подобро“, изјави Мајкл Каденаци, помошник-секретар за одбрана на САД, за специјализираниот магазин „Брејкинг дифенс“.

Од друга страна, Кортни Ведерби од Центарот „Стимсон“, задолжен за Југоисточна Азија, е загрижена за краткиот временски рок, но вели дека од ваквата наредба е добро што ќе се увидат празнините и ризиците во синџирот на снабдување со критични минерали.

„Моето очекување е дека компаниите од одбранбената индустрија ќе наидат на некои пречки дури да пронајдат потекло на одредена компанија во целосниот синџир. Но, штом ќе стигнете до точка на рафинирање или преработка каде што се мешаат оригиналните изворни материјали, тогаш е многу тешко да се каже со сигурност дека одредени минерали не потекнуваат од рудници во Кина или во Мјанмар или на други места“, истакна Ведерби.

Таа процени дека ќе пораснат трошоците за одбранбените компании, бидејќи партнерските земји, за разлика од Кина, имаат повисоко платена работна сила.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни