Косовскиот премиер Аљбин Курти со видео порака на српски јазик им го честиташе Божиќ на припадниците на српската заедница во Косово. И претседателката на Косово, Вјоса Османи, упати честитка до граѓаните на Косово кои го слават тој празник според јулијанскиот календар.
„Во време на празниците кога го славиме мирот, љубовта и надежта, на сите верници од православна вероисповед им го честитам Божиќ. Сакам да ги поминете претстојните празници во мир и благосостојба заедно со сите ваши најблиски и со вашите соседи во Косово“, рече Курти.
Тој ги повика граѓаните секојдневно „да работат напорно и чесно, со взаемна мотивација за соживот и разбирање, правда и простување“, наведувајќи дека со вакви вредности се создава подобро утре.
Имајте среќен и благословен Божиќ“, додаде Курти.
Османи: Верската толеранција е традиционална вредност на косовското општество
Косовската претседателка Вјоса Османи упати честитка до граѓаните на Косово кои го слават Божиќ според јулијанскиот календар.
Османи во својата честитка посака љубовта, мирот и хармонијата да ги „исполнат нивните срца и домови“ и посочи дека празниците како Божиќ „служат во функција на љубов и солидарност“ меѓу луѓето.
„Верската толеранција е традиционална вредност на косовското општество. Треба да се поддржуваме, не само на овој ден, а притоа да имаме повеќе надеж, верба и храброст. Среќата, здравјето и благосостојбата нека бидат секогаш со вас“, рече Османи.