Професорот Миодраг Лабовиќ, денеска поднесе оставка како член на Советот за правосудство. Тој најпрво вчера усмено поднел оставка, за денеска и во посимена форма да ја достави до надлежните органи. Вели дека оставката ја поднесува од морални причини.
„Ја известувам јавноста дека на седницата одржана на 20. 09. 2019 г.поднесов усмено оставка, како член на Советот за реформи во правосудтсвото, а на 21. 09.2019 г. и официјално доставив писмена оставка до надлежните органи. Оставката ја поднесувам од морални причини, меѓудругото, заради неможноста за одвивање на вистинска дебата во која со рационална конфронтација на аргументи базирани на логичките принципи, кои се поврзани со неспорни емпириски факти, со силата на аргументите ќе бидат утврдени најоптималните стратешки насоки во заклучоците од работата на советот. Имено, веќе подолго време укажувам дека моите предлози за нови стратешки насоки и ревидирање на некои од веќе постоечките во Стратегијата за реформи на правосудството (2017-2022), ( видете подолу во прилог), претставуваат генерални концепциски тези, кои и самите можат да бидат оспорени и заменети со уште подобри, а доколку нема такви, нивната суштина треба да биде запазена. Меѓутоа, во процесот на дебатирање можат да бидат пронајдени и подобри модификации во детали помеѓу бројните варијанти на конкретни предлог-решенија за операционализирање на самите стратешки насоки, отколку што се тие предложени од авторот“, се вели меѓудругото во оставката на професорот Лабовиќ.