Ниските пензии и неправедната распределба меѓу пензионерите се клучните слабости на македонскиот пензиски систем, а реформите треба да бидат насочени кон подобрување на положбата на оние со најмали примања. Ова го истакна економскиот аналитичар Славко Лазовски, кој смета дека актуелните дебати за начинот на усогласување на пензиите го одвлекуваат вниманието од вистинскиот проблем.
Гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Лазовски посочи дека дилемата дали пензиите треба да се зголемуваат линеарно или според швајцарската формула не е суштинското прашање со кое треба да се занимава државата.
Според него, многу поважно е да се најде решение за пензионерите кои живеат со најниски примања и да се воспостави поправеден систем во кој разликите меѓу пензиите нема да бидат толку изразени.
„Нема да биде проблем дали усогласувањето е линеарно или по швајцарската формула, туку проблемот ќе биде кој ќе ги реши малите пензии, односно кој ќе го направи нашиот систем поправеден“, изјави Лазовски.
Тој оцени дека во изминатите децении не се посветувало доволно внимание на подобрувањето на стандардот на пензионерите со најниски пензии, поради што денес постојат сериозни нееднаквости во системот.
Лазовски ја посочи и пресметката на пензиите како едно од прашањата што бара поголема транспарентност. Според него, не се доволно разјаснети коефициентите што се применуваат при утврдувањето на висината на пензијата, па граѓаните немаат целосна претстава како се доаѓа до конечниот износ.
„Во целиот овој период некако не водевме сметка да го подигнеме нивото на малите пензии. Затоа сега имаме проблем, затоа имаме неправеден пензиски систем“, нагласи тој.
Економскиот аналитичар смета дека идните промени мора да бидат насочени кон поправедна распределба на средствата и обезбедување посигурна финансиска положба за пензионерите со најниски примања.
Според него, без решавање на овој проблем, промените во начинот на усогласување на пензиите нема да значат и суштинска реформа на македонскиот пензиски систем.