Македонија

Ленче и Фатиме без коментар за СЈО: „Од вторник ќе зборуваме за СЈО, денеска славиме“

Двете специјални обвинителки Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи присуствуваа во градскиот парк на прославата за денот на независноста 8-ми септември.

Рекоа дека добиле покана од Влада како претставници на СЈО да присуствуваат на прославата, но не сакаа да коментираат за актуелната состојба со СЈО.

„Денеска е празник, нека ни е честит. Толку“, вече Фетаи.

По краткиот одговор, Фатиме се оддалечи. Ленче рече пак дека актуелните случувања и СЈО треба да ги разговараме по празникот.

„Сите работи поврзани со СЈО и тековните случувања мислам дека ќе ги адресираме во друга прилика, денес го славиме денот на независноста да се фокусираме на денешниот празник.“, рече Ристоска.

Иако се уште нема договор меѓу партиите за законот за ЈО, во петокот, републичките обвинители на чело со Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески одлучија да ги преземе сите предистраги, истраги и обвиненија што ги покренало и што ги застапува во моментов СЈО.

Од СЈО за ТВ21 велат дека се работи за голема документација и според нив најверојатно од ОЈО ќе испратат писмо со предмети кои првично ќе ги преземат, по што од СЈО ќе им ги достават сите докази кои ги поседуваат.

Ова следува откако Специјалната обвинителка Катица Јанева, на 4 септември од притвор во затворот Шутка, испратила писмо-полномошно со кое го овласти Државниот обвинител Јовески да ги преземе сите предмети од СЈО пред истекот на нејзиниот мандат на 15 септември, за да не пропаднат.

Јанева поднесе условна оставка на 15 јули, истиот ден откако беше уапсен Бојан Јовановски-Боки 13 како првоосомничен во истрагата „Рекет“. Јанева е третоосомничена во оваа истрага на Обвинителството за организиран криминал и корупција и е во притвор од 21 август, осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувања. Вториот осомничен, кој исто така е во притвор, е Зоран Милески- Кичеец.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни