Поранешната обвинителка Ленче Ристоска реагираше по ослободителната пресуда во предметот „Талир 2“ и одбивањето на барањето за конфискација, посочувајќи дека остануваат низа прашања поврзани со различниот исход на постапката и можноста за одземање на имотот.
Ристоска, која како обвинител го започнала предметот и седум и пол години го застапувала, преку објава на социјалните мрежи наведе дека во првата постапка, врз истиот доказен материјал, судот донел осудителна пресуда за умислено дело.
Според неа, токму поради тоа е тешко да се одржи сегашниот став дека немало докази за намерата со која обвинетите делувале.
„Истиот доказен материјал веќе ја адресираше целта поради која обвинетите ги презеле дејствијата, односно намерата со која делувале“, наведува Ристоска.
Таа посочува дека во меѓувреме биле направени измени во Кривичниот законик, кои имале влијание врз предметот, но дека обвинителството го изменило обвинението согласно фактичката состојба што произлегувала од доказите.
Според неа, изменетото обвинение содржело и дејствие кое претходно не било опфатено – обврската на тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, како претседател на партијата, да ги врати средствата добиени од „Бетон“ во Буџетот и да ја надомести разликата меѓу вредноста на објектот и реалната вредност на земјиштето.
Ристоска наведува дека ова прашање било поврзано со Законот за финансирање на политичките партии и дека, според неа, овој дел не бил опфатен со измените на Кривичниот законик.
Поранешната обвинителка се осврна и на образложението на судот, кој навел дека доказите останале исти како во првата постапка и дека нивната оценка не била променета.
„Ако ниту доказите, ниту нивната оцена не се променети, останува прашањето како истата доказна основа води до два спротивни исхода“, напиша Ристоска.
Таа предупреди и на временскиот аспект на предметот, посочувајќи дека случајот влегува во завршна фаза на застареност во август годинава.
Според неа, дури и во случај на жалба, Апелациониот суд нема доволно време за мериторно одлучување пред истекот на роковите за застареност, а конфискацијата не е можна по правосилна ослободителна пресуда.
Ристоска во објавата се осврна и на одлагањето на едно од последните рочишта, кога, како што наведува, застапниците на ВМРО-ДПМНЕ побарале одложување поради отсуство. Таа оценува дека сите одлагања придонеле предметот да заврши само со првостепена одлука пред истекот на роковите.
„Ваквата контекстуална состојба ме наведува на заклучок дека единствена цел на ваквото постапување е отежнување на понатамошната постапка за конфискација на имотот“, наведува Ристоска.
Таа смета дека суштинското прашање во случајот не е само кривичната одговорност, туку и судбината на имотот кој, според неа, произлегува од дејствијата опфатени со постапката.
На крајот, Ристоска изрази очекување дека обвинителството ќе поднесе жалба и дека во жалбената постапка ќе бидат разгледани сите отворени прашања поврзани со предметот „Талир 2“.