Македонскиот тенис има нов повод за задоволство, откако Лина Ѓорческа оствари значителен напредок на најновата ВТА ранг-листа. Благодарение на успешниот настап на Вимблдон, најдобрата македонска тенисерка се искачи за 14 позиции и сега е рангирана на 208. место во светот.
Ѓорческа претходно беше 222. на листата, а со новите бодови сега има вкупно 367 поени, што ја доближува до влез во Топ 200 светски тенисерки.
Напредокот е резултат на одличните настапи во Лондон, каде што македонската тенисерка ги мина квалификациите и обезбеди пласман во главниот турнир на Вимблдон, освојувајќи значајни ВТА бодови.
Со овој резултат, Ѓорческа уште еднаш ја потврдува својата стабилна форма и останува убедливо најдобро рангирана македонска тенисерка.
На врвот на најновата ВТА-листа и понатаму е Арина Сабаленка, пред Елена Рибакина и Џесика Пегула.