Јавниот обвинител на Република Македонија Љубомир Јовески денеска оствари средба со претседателот на Европравда Ладислав Хамран. На средбата присуствувале и јавни обвинители од ЈОРМ, како и јавниот обвинител за врска на Република Македонија во Европравда Ленче Ристоска, информираат од прес службата на ЈОРМ.
На средбата со Хамран, кој воедно е национален член на Република Словачка во Европравда, била истакната досегашната соработка на Јавното обвинителство на Република Македонија со оваа европска институција, особено статистичките показатели и можностите отворени со назначување на јавниот обвинител за врска.
Јавниот обвинител Јовески ја презентирал структурата, условите за работа и предизвиците со кои се соочува Јавното обвинителство на Република Македонија. Притоа, Јовески и Хамран заеднички ја нагласиле важноста на меѓународната соработка во сузбивањето на сериозниот и прекуграничниот криминалитет.
