Паузата од седум години во реализацијата на капиталните проекти во културата не донесе само застој, туку и огромна директна финансиска штета по државниот буџет, алармира министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во гостувањето на „4ТВ“.
Според првичните пресметки на ресорот, пропаѓањето на веќе платените проекти и застарувањето на технологијата ја чинат државата милиони.
„Кога ќе сопрете изградба на еден објект, вие веќе сте во чист минус. Пари се потрошени за проектирање и планирање на сценски елементи кои денес или не постојат на пазарот или се сосема различни, па сега сè мора да се прави одново. Проценките покажуваат дека само заради ова стопирање од седум години, штетата направена во таа пауза е повеќе од 2 милиони евра во одредени институции“, дециден е Љутков.
Од штиците што живот значат до министерската фотелја
Во отвореното интервју, Љутков се осврна и на неговиот личен предизвик – како е еден професионален актер да застане на чело на едно од најсложените министерства во државата и колку е тешка таа трансформација.
На прашањето дали се пронаоѓа во новата, политичка улога, тој одговори потврдно, нагласувајќи дека мотивот да се сопре деструкцијата на објектите и да се извлече културата од калта бил пресуден за да го прифати овој предизвик. Покрај финансискиот хаос, тој додаде дека најголема болка му претставува токму физичката состојба и руинираноста на објектите кои со години биле оставени на забот на времето.