Сведочењето на мајката на апелациониот судија Ѓоко Ристов, Донка Ристова, беше во фокусот на денешното рочиште во Кривичниот суд. Таа пред судот зборуваше за парите кои биле пронајдени при претресот во семејната куќа во Неготино и објасни дека станувало збор за нејзини лични заштедени средства.
Ристова сведочеше дека во семејната куќа биле извршени два претреса. Според неа, при првиот претрес не било пронајдено ништо, додека при вториот, кој траел два дена, биле пронајдени парите.
„Два дена се правеше претрес. Првиот ден работеле, барале, немало ништо и закажале за утредента. И тогаш пак барале и на крајот го нашле моето место каде што ги чував парите. Зад работната маса, зад фрижидер. Таму си најдов згодно место, не од сега, не од лани, од 1975 година“, рече таа.
Ристова пред судот објасни дека парите ги чувала скриени во просторот зад плочките, ставајќи ги во фолија и додавајќи ги заштедите постепено.
„Таму имаше 350.000 евра. Тие ми беа гаранција за стари години, за сè, за тешки денови. Парите беа 250.000 по 50 евра, а другите 100.000 беа по 500 и 100 евра“, сведочеше мајката на судијата.
Таа појасни дека парите ги заработувала во текот на годините од земјоделска дејност. Како што рече, семејството одгледувало бостан, дињи, пиперки, ореви, кајсии и други земјоделски производи, кои ги продавале на пазари.
„Тие парички цел живот се печалени. Од сèкаде. Од каде ќе продадам роба, ние сме земјоделска куќа. Бостан, диња, пипер, ореви, кајсии, сè имавме. Секаде по пазар одев“, рече Ристова, додавајќи дека тоа траело сè додека семејството не почнало да се занимава со лозје.
На прашањето дали некој друг знаел за заштедите, таа одговорила дека никој не бил запознаен со нив.
„Никој не знаеше, тоа беше мое лично и на сопругот“, рече мајката на судијата.
Таа објасни и дека заработените средства ги претворала во странска валута.
„Ако продавала пипер во Прилеп, веднаш купував марки, а потоа евра“, рече Ристова.
Таа додаде дека никогаш не ги броела парите, туку постепено ги чувала во скриениот простор.
„Не ги броев, но ќе ги пикнев во дупчето од циглите. Кога ќе се стеснеше, во друго“, сведочеше таа.
Ристова истакна и дека од своите деца никогаш не земала пари.
Судењето продолжува.
Предметот против судијата Ристов произлегува од истрагата за адвокатот Фехми Стафа, кој беше фатен при примање 20.000 евра, како дел од наводно договорени 100.000 евра за противзаконско влијание врз апелациски судија со цел укинување на мерката притвор за Љупчо Пецов.
Стафа ја призна вината, склучи спогодба со Обвинителството и беше осуден на една година и три месеци затвор.
Против судијата Ристов се води постапка во врска со 350.000 евра пронајдени при претрес во домот на неговите родители во Неготино. Од Обвинителството претходно соопштија дека средствата не биле пријавени и дека нивното потекло не било поткрепено со докази.
Судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска.