Македонија во наредниот период ќе добие пет нови авиолинии, со што дополнително ќе се прошири мрежата на воздушни врски кон европските дестинации. Најавата ја соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој истакна дека земјата продолжува да го развива авионскиот сообраќај и покрај предизвиците со кои се соочува глобалната авиоиндустрија.
Една од новите линии ќе биде воспоставена меѓу Виена и Охрид, а летовите ќе ги реализира австриската авиокомпанија „Австрија ерлајнс“. Според Николоски, оваа врска ќе овозможи полесен пристап до бројни европски и прекуокеански дестинации преку австриската престолнина.
Воедно, авиокомпанијата „Виз ер“ ќе отвори две нови линии кон охридскиот аеродром од полските градови Вроцлав и Краков. Се очекува овие летови да придонесат за поголем број туристички посети од Полска и дополнителна промоција на Охрид како туристичка дестинација.
Нови дестинации добива и скопскиот аеродром. Во иднина ќе бидат воспоставени директни летови до Палермо на Сицилија и Алгеро на Сардинија. Иако интересот за овие линии се очекува да биде најголем во текот на летната сезона, тие ќе продолжат да функционираат и во останатиот дел од годината.
Министерот посочи дека Македонија има и значајна улога во регионалниот воздушен сообраќај преку снабдувањето со авионско гориво. Тој нагласи дека скопскиот аеродром целосно го снабдува со керозин аеродромот во Приштина, а делумно и аеродромот во Ниш, што, според него, претставува показател за добрата организација и капацитетите со кои располага земјата.