4NEWS.mk

Македонија има рударски потенцијал, но индустријата бара одржлива развојна визија

Македонија има рударски потенцијал, но индустријата бара одржлива развојна визија

Рударството и геологијата се меѓу клучните области за економската иднина на Македонија, но најновите статистички показатели укажуваат дека секторот се соочува со континуирано влошување. Во септември 2026 година, индустриското производство во рударството е намалено за 7,7% во однос на истиот месец минатата година, додека во август падот изнесувал 10,1%.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека растот на вкупното индустриско производство од 2,4% во септември не е резултат на рударството, туку главно на преработувачката индустрија. Ова дополнително ја нагласува потребата од посериозен пристап кон развојот на рударската гранка.

Геологот Ѓорѓи Димов, декан на Факултетот за природни и технички науки во Штип, посочува дека рударството има значајна улога во економскиот развој на државата. Според него, оваа индустрија е еден од темелите на македонската индустриска историја, а геологијата е важна за правилно и одговорно управување со природните ресурси.

Експертите оценуваат дека Македонија треба да се насочи кон развој на современо и одржливо рударство, усогласено со европските трендови. Таквиот пристап подразбира почитување на стручните анализи, одговорно користење на ресурсите и создавање услови за долгорочен индустриски развој.

„Денес рударството останува значаен дел од македонската економија. Само во 2024 и 2025 година извоз на концентрати на олово, цинк и бакар достигнува неколку стотина милиони долари. Тоа се конкретни бројки кои потврдуваат дека рударството не е само наше индустриско наследство, туку и реална економска состојба“, истакна Димов на годишното стручно советување во организација на Здружението на рударски и геолошки инженери на Македонија.

Во излагањето тој додаде дека денес се соочуваме со еден голем парадокс – светот бара зелена транзиција, обновлива енергија, електрични возила, нови технологии, а истовремено се погласни се барањата коишто се насочени кон ограничувања на рударството. 

„Мора јасно и гласно да кажеме дека не постои зелена транзиција без минерални суровини, ниту минерални суровини без рударство. Сепак, тоа не ни дава право да ја занемариме животната средина. Напротив, обврската е да сме уште поодговорни кон неа. Денес рударството можеби може да ја добие најважната битка во својата историја, а тоа е битката за довербата кај граѓаните. Таа битка нема да ја добиеме со декларации и празни ветувања, ниту со конфронтации со оние коишто се против рударството. Ќе ја добиеме со знаење, со нови технологии, транспарентност и конкретни резултати, појасни универзитетскиот професор.

Димов оцени дека дезинформациите ја загрозуваат иднината на рударството.

„Рударството коешто создава економска вредност ја почитува природата и ја има довербата на граѓаните. Ако во минатото рударството ја градеше индустриската Македонија, денес наша обврска е преку одржливо рударство да ја градиме иднината на Македонија. Да не дозволиме стравот да биде посилен од знаењето, ниту неодговорноста да биде посилна од напредокот. Да покажеме дека Македонија има знаење, има ресурси и пред има луѓе кои можат да создадат современо, одговорно и одржливо рударство“, заклучи Димов.

Последен проект кој наиде на обвинувања од страна на дел од активисти, но и политичари, беше инвестицијата во рудникот за бакар во Иловица. Инвестицијата е единствена активна во македонското рударство во моментов и беше најавено дека ќе ги употребува најсовремените технологии. Од ова наоѓалиште годишно би се произведувале околу 16 илјади тони бакар, што значително ќе влијае на македонскиот извоз. Самата инвестиција би тежела 350 милиони евра. Дополнително, инвеститорот информираше дека проектот ќе придонесе за економијата и со 500 директни вработувања и над две илјади индиректни вработувања. Од друга страна, голем број на инвестиции во рударството во минатото не се реализираа, а нов рудник во Македонија се нема отворено повеќе од четириесет години.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни