Македонија, Србија и Молдавија лидери во енергетските реформи: ЕЗ ја пофали проактивноста на РКЕ и напредокот во сајбер безбедноста

Македонија се издвојува како еден од лидерите во регионот кога станува збор за реформите во енергетскиот сектор. Во најновиот Годишен извештај за 2025 година, Енергетската заедница (ЕЗ) нотира дека земјава, заедно со Србија и Молдавија, го бележи најголемиот „реформски моментум“.

Извештајот, кој ја мониторира имплементацијата на реформите во земјите членки, јасно укажува на напредокот во усогласувањето со европските стандарди.

„Северна Македонија и Србија докажаа дека може да се постигне ефикасно спроведување на законодавството на Европската унија за интеграција на пазарите на електрична енергија, како и координативно работење и управување со системите во насока на обезбедување на сигурност во снабдувањето. Ова е поткрепено со нивниот видлив напредок во реформите на пазарот на електрична енергија,“ се наведува во документот на ЕЗ.

Виена ја поздрави проактивноста на РКЕ

Посебен дел од извештајот е посветен на работата на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Енергетската заедница од Виена ја потенцира проактивната улога на македонскиот регулатор во спроведувањето на Законот за енергетика.

Клучни точки за кои РКЕ доби позитивна оценка се:

  • Мониторинг на раздвојувањето: Успешно следење на усогласеноста на енергетските субјекти.
  • Регулаторно делување: Одобрување на тарифи за пренос и дистрибуција.
  • Плански документи: Одобрување на годишните планови за одржување на МЕПСО, ОПС и дистрибутивните компании, како и петгодишниот Развојниот план за Операторот на дистрибутивниот систем (ОДС).
  • Гасификација: Усвојување на Мрежните правила за дистрибуција на гас.

Сајбер безбедноста – нов приоритет

Годишниот извештај става посебен акцент на законската рамка и правилата за јакнење на отпорноста кон дигиталните закани.

„Правилата за сајбер безбедност, усвоени од РКЕ, се спроведуваат од јуни 2023 година. РКЕ одобри инвестиции за претпријатијата за да се започне спроведувањето на ISO 27001 стандардот, се вели во извештајот. Дополнително, регистрирано е формирањето на Националниот совет за дигитална трансформација, како и усвојувањето на клучниот Законот за безбедност на мрежни и информациски системи.

Предизвици и идни чекори

И покрај напредокот, Енергетската заедница оценува дека пред земјите членки, но и пред самата ЕУ, остануваат сериозни предизвици. Тука спаѓаат практичното спроведување на мрежните правила и транспарентното доделување на капацитети.

Сепак, очекувањата се дека целосната имплементација на мрежните правила на територијата на ЕУ до август 2026 година ќе биде силен поттик за конечна интеграција на регионалните пазари.