Вршителката на должноста амбасадор на Македонија во Софија, Агнеза Руси Поповска, денеска беше повикана во бугарското Министерство за надворешни работи во врска со палењето на двата бугарски автомобили што ги користела Амбасадата на Бугарија во Скопје.
Заменик-министерот за надворешни работи Христо Полендаков нагласи дека Бугарија најостро го осудува овој, како што го нарече, безпреседан во билатералните односи демонстративен чин на агресија, кој ги довел во опасност здравјето и животот на вработените во бугарската амбасада, како и на жителите на главниот град на Македонија кои се наоѓале во близина за време на нападот.
„Бугарија ги зема предвид изјавите на официјалните институции во соседната држава и брзата реакција на надлежните органи, која доведе до приведување на сторителот. Истовремено, очекуваме да се спроведе ефикасна истрага и правна разрешница на случајот, со што јасно ќе се покаже дека ваквите дела се недозволиви“, истакна тој.
Полендаков додаде дека почитувањето на принципите на владеење на правото и преземањето ефикасни мерки за спречување и сузбивање на злосторствата од омраза се клучни доколку една држава сака да ја заштити својата европска иднина.
„Секој обид за ширење страв меѓу Бугарите во Македонија е неприфатлив и бугарската држава ќе продолжи да ги користи сите расположливи механизми за да им се спротивстави на таквите појави“, заклучи тој.
Да потсетиме, инцидентот се случи во понеделник, а приведен е 44-годишен маж. Според информациите, тој полил службено возило со запалива течност и го запалил. Огнот брзо го зафатил автомобилот, а потоа се проширил и на второ возило паркирано во непосредна близина.