Македонските ученици блеснаа во Солун: Злато и две бронзи од Балканската математичка олимпијада

Македонските средношколци повторно покажаа дека знаењето носи врвни резултати, освојувајќи значајни признанија на меѓународната сцена. На Балканската математичка олимпијада, која се одржа во Солун, нашите ученици се вратија со еден златен и два бронзени медали.

Најголемиот успех го постигна Дамјан Давков, кој освои златен медал, додека Ивано Божиновски и Андреј Тасиќ се закитија со бронзени одличја. Дел од македонскиот национален тим беа и младите математичари Марко Митевски, Леонид Тодороски и Валентино Атанасоски.

Се вчитува...

Учеството на Балканската математичка олимпијада го организираше Сојузот на математичарите на Македонија, научно здружение кое стои зад националните натпревари и е акредитирано за организација на меѓународни натпревари.

Во меѓувреме, на Природно-математичкиот факултет се одржа и четвртата Македонска економска олимпијада, каде беа избрани учениците што ќе ја претставуваат државата на Интернационалната економска олимпијада во Кина.

Во македонскиот тим се избрани Стефан Младеновски од Гевгелија, Теа Ангелова, Оливера Џамбазова и Ванеса Томова од Скопје, како и Георги Јаковлев од Струга.

Со овие успеси, младите таленти уште еднаш потврдија дека Македонија има генерации подготвени за врвни достигнувања во науката и образованието.