Македонија

Македонците лани создале помалку ѓубре, но селекцијата е на нула: Сè уште фрламе сè на иста купче

Македонците лани создале помалку ѓубре, но селекцијата е на нула: Сè уште фрламе сè на иста купче

Во земјава минатата година биле создадени вкупно 755,7 илјади тони комунален отпад, што е во просек по 417 килограми ѓубре по жител. Според податоците на Државниот завод за статистика, ова претставува пад од околу пет проценти во споредба со 2024 година, односно се создадени по околу 20 килограми помалку отпад по човек, со што македонскиот просек останува понизок од европскиот.

Иако граѓаните продуцирале помалку отпад, комуналните претпријатија собрале поголеми количини во однос на претходната година, при што речиси 640 илјади тони завршиле директно на депониите. Ова зголемување на собраниот отпад се должи на проширувањето на системот за колективно собирање и вклучувањето на нови населени места. Најголем дел од комуналниот отпад, дури 84 проценти, потекнува од домаќинствата, додека преостанатите 16 проценти доаѓаат од комерцијалниот сектор, како продавници, ресторани и канцеларии. Најмногу отпад се собира во Скопскиот, а најмалку во Североисточниот Регион.

Анализата на ДЗС потврдува дека примарната селекција кај нас сè уште е на исклучително ниско ниво. Огромното мнозинство, односно околу 553 илјади тони, е мешан комунален отпад, додека во малиот селектиран дел доминира органскиот отпад со 35 илјади тони, по што следуваат пластиката со 15,5 илјади тони и хартијата со околу 10 илјади тони.

Во делот на индустрискиот отпад, домашната индустрија генерирала околу 1,2 милиони тони, што е приближно 655 килограми по жител годишно. Оваа бројка е значително под просекот на Европската Унија кој изнесува околу 4.850 килограми, каде земји како Германија и Словенија имаат развиено напредни технологии за рециклирање и повторно враќање на отпадот во производствениот процес. Како клучен и алармантен проблем во македонскиот индустриски сектор се издвојува високиот удел на опасниот и токсичен отпад. Тој кај нас опфаќа дури една четвртина од вкупниот индустриски отпад, додека во ЕУ ова учество изнесува само околу пет проценти поради соодветната неутрализација уште во самите фабрички капацитети.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни