Градот Скопје, во соработка со Министерството за транспорт, планира воведување интегриран билет за различните видови јавен превоз, со кој граѓаните би можеле да комбинираат повеќе превозни средства со една платена карта.
Ова го истакна градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
„Да не се симнувате од воз, а сте платиле 40 денари, па се качите во автобус да платите уште 35 денари. Со еден билет да можеш да се качиш од Зелениково, да отидеш до Ѓорче Петров, да стигнеш до трета позиција“, објасни Ѓорѓиевски.
Според најавите, системот би овозможил едно патување со комбинирање на различни видови јавен превоз, без потреба патниците повторно да плаќаат при секое преседнување.
Ѓорѓиевски очекува системот да биде подготвен до средината на следната година. Тој оцени дека интегрираниот билет би значел поедноставно патување, помалку изгубено време и пониски трошоци за граѓаните.
„Треба како систем да го изработиме во наредниот период и верувам дека некаде до средината на наредната година би имале резултат“, рече градоначалникот.