Мнозинството македонски граѓани не ги поддржуваат санкциите кои Европа ги воведува против Русија и се противат на воената помош која земјава и ја испраќа на Украина, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за потребите на Детектор, кој денеска ја стартуваше својата четврта сезона, го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според анкетата, 52,5% од граѓаните се противат на санкциите наспроти 32,2% кои даваат поддршка. Гледано по етничка структура, Македонците и Албанците имаат дијаметрално спротивставени ставови. 58,5% Македонци се против санкциите, наспроти 58,6% етнички Албанци кои даваат поддршка.

62,1% од анкетираните се против тоа Македонија со воена опрема да ја помага Украина наспроти нешто помалку од една четвртина кои даваат поддршка.

Третина од граѓаните или 33,2% сметаат дека „некој друг“ е виновен за војната во Украина. 22,1% вината ја гледаат во Русија, 5,9% во Украина а 15,5% на двете страни. И тука пресекот по етничка структура дава спротивставени ставови на етничките Албанци и Македонците. За близу 57% Албанци виновник за војната е Русија додека само 10,9% од Македонците вината ја наоѓаат кај официјална Москва. Етничките Македонци во огромно мнозинство, 40,8% сметаат дека „некој друг“ е виновен за војната.