Значителен раст на онлајн купувањата во странство бележат македонските граѓани во текот на изминатата година, при што најголем дел од средствата се трошат за авиобилети и резервации за сместување преку интернет.
Податоците од анализата на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, базирана на информации од Народната банка на Република Северна Македонија, покажуваат дека вкупната вредност на е-трансакциите достигнала 427,8 милиони евра, што претставува зголемување од 50 отсто во однос на претходната година.
Во исто време, бројот на трансакции пораснал за 69 отсто и достигнал 12,4 милиони, додека просечната вредност по трансакција се намалила на 34 евра, односно пад од 11 отсто.
Најголем дел од потрошувачката е концентриран во неколку земји, меѓу кои Ирска, Холандија, Обединетото Кралство, САД, Унгарија, Германија, Кипар и Луксембург. Тие заедно учествуваат со 74 отсто од вкупната вредност и 83 отсто од сите трансакции.
Најголем поединечен пазар е Ирска, каде македонските граѓани потрошиле 92,1 милиони евра, што претставува раст од 173 отсто. Таму е регистриран и најголем број трансакции – 4,8 милиони.
Холандија се наоѓа на второ место со 62,4 милиони евра и раст од 49 отсто, додека САД остануваат меѓу најзначајните пазари со 2,1 милиони трансакции.
Најголеми промени во динамиката на плаќањата се забележани во Германија и Кипар, каде бројот на трансакции значително пораснал, додека Луксембург и Обединетото Кралство бележат пад.
Според експертите, ваквите трендови се поврзани со силното присуство на глобални технолошки компании и онлајн платформи во овие земји, како и со развојот на дигиталната трговија и туристичките резервации преку интернет.
