Манасиевски: Додека во химната пееме за Гоце Делчев, кадри на СДСМ на бугарски подкасти тврдат дека тој е само „мит“
РРедакција|
Изјавите на поранешни функционери на СДСМ со кои се минимизира улогата на Гоце Делчев се крајно недостоинствени, нечовечки и директно ги потврдуваат тезите дека опозицијата одработува за туѓи агенди. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Тој остро реагираше на неодамнешното гостување на поранешниот владин соработник Рубин Земон на бугарски медиум, отфрлајќи ги обидите на СДСМ тој скандал да го релативизира како „несреќна изјава“.
„Да излезете на бугарски подкаст и да тврдите дека Гоце Делчев е мит, дека ништо не направил и не напишал за Македонија и дека не извојувал ниту една битка, е крајно недостоинствено. Гоце Делчев е клучна историска фигура, револуционер кој се борел за независна Македонија и сакал да создаде држава. И вие денес, повеќе од 100 години подоцна, да го негирате неговото дело, додека истовремено за него пееме во државната химна – тоа е срамно. Пред следниот пат да кажат такво нешто, треба добро да размислат“, изјави Манасиевски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ ја потсети јавноста на политичкиот профил на Земон, посочувајќи го како близок соработник во поранешната влада на Зоран Заев и екс-член на Извршниот одбор на СДСМ. Според Манасиевски, токму Земон во едно интервју признал дека тој е авторот на идејата за внесување на Бугарите во македонскиот Устав.
Како дополнителен скандал, Манасиевски ги посочи фотографиите на кои Земон е снимен на средба со контроверзни бугарски структури.
„Го видовме како седи на кафе со Виктор Стојанов, претседателот на фондацијата ‘Македонија’ – човек кој има забрана за влез во нашата држава. Денес гледаме дека тие структури веќе делат флаери за Бугари во Уставот во сред Македонија. А кој е тој што најгласно го бара тоа кај нас? Тоа е СДСМ“, обвини Манасиевски.
Правејќи паралела меѓу ставовите на бугарските политичари и македонската опозиција, Манасиевски истакна дека постои целосна синхронизација во наративот. Тој ја цитираше бугарската министерка Петрова Чамова, која изјави дека Софија работи преку свои мисии во земјава и дека „проблемот на Македонија не е со Бугарија, туку со ЕУ“.
„Знаете ли кој излезе со идентична изјава? Венко Филипче. Тој вели дека за проблемите не преговараме со Бугарија, туку со Европската Унија. Филипче е најгласниот во државава кој притиска за воведување на Бугарите во Уставот, поради што со право го нарекуваме специјален бугарски пратеник или пратеник на Румен Радев во Македонија“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Манасиевски порача дека Владата нема да подлегне на овие притисоци, бидејќи уставните измени не се последната препрека, потсетувајќи на лажните ветувања од минатото.
„Така нè лажеа и во 2018 и 2019 година кога го менувавме уставното име – дека тоа е последниот чекор за влез во ЕУ. Еве, јас јавно прашувам: Дали денес сме дел од Европската Унија со променето име? За жал, не сме. И затоа сега нема да дозволиме нови уцени без цврсти гаранции“, заклучи Манасиевски во „Ноќно студио“.